Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески денеска ги прими членовите на македонската карате репрезентација за кадети, јуниори и постари јуниори, кои во Софија, Бугарија изминатиот викенд се покажаа во одлично светло, а Петар Заборски го освои бронзениот медал во највисоката младинска категорија, за каратисти до 21 година.
- Карате спортот е во голем подем и има голем потенцијал, а во последниве неколку години имаме неколку европски шампиони и вицешампиони во повеќе категории и во машка и женска конкуренција, со што карате спортот дефинитивно е меѓу најуспешните и најтрофејните спортови во земјава. Тоа се докажа и на ова Европско првенство. Со овој огромен успех, македонското карате продолжува да ги испишува светлите страници во својата спортска историја. Практично, ова е прв медал за македонското карате, откако овој спорт стана дел од Олимпиското семејство – изјави директорот Спасески.
Тој упати честитки до сите репрезентативци, до тренерите и целокупниот стручен штаб на репрезентацијата, за како што рече, големиот успех и порача дека Агенцијата за млади и спорт и понатаму финансиски и логистички ќе го поддржува карате спортот во државата.
Голем дел од нашите репрезентативци се и носители на стипендиите, кои ги доделува АМС, како и на највисокото спортско признание, Националното спортско признание – Спортска пензија, со што им оддаваме почит и јавно признание и докажуваме дека државата се грижи и понатаму ќе продолжи да се грижи за врвните спортисти, кои ја промовираат Република Македонија на меѓународната спортска сцена.
Во таа насока, носителот на бронзениот медал од ова ЕП, Петар Заборски ќе се стекне со стипендија од меѓународна категорија, Согласно законот за спортот и Правилникот за категоризација, односно во следните две години ќе добива месечен паричен надоместок во висина од нешто повеќе од една просечна плата.
Заборски се заблагодари на Агенцијата за млади и спорт, федерацијата и матичниот клуб, кои им дадоа поддршка на каратистите.
– Презадоволен сум од резултатот со оглед на тешките противници кои се прво и второ рангирани на светската листа. Стигнав до бронзениот медал благодарејќи на мојата одлична физичка и психичка подготвеност. Сакам да им се заблагодарам на сите кои ни дадоа безрезервна подршка и со тоа и мотив за дополнителна работа – рече носителот на бронзениот медал од ЕП во Софија, Петар Заборски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.