Во населбата Кенџија, која катастарски се води како територија на Хрватска, иако се наоѓа на српскиот брег на Дунав, останаа живеат некои Хрвати, кои не се откажаа од хрватското државјанство, што во блиско минато, а и денес само им создава проблеми.
Вистина не биле физички и животно загрозени, но егзистенцијално се загрозени. Еден од нив е 86-годишниот Стеван Шота на кој годините не му пречат да седне во кабината на својот трактор и да појде на нивата за да ги обработува своите 24 хектари земја на која сее пченица, пченка, соја… И оваа година, вели, ќе оди на нивата, откако ќе се затопли.
– Ете, се уште мрдам, вели тој.
Стеван живее со сопругата и ќерката, а ги помни времињата кога Кенџија имала дури 96 салаши. Денес можат да се избројат на прсти. Останале само четири до пет автохтони семејства, претежно припадници на унгарското национално малцинство и неколку Хрвати.
Станува збор за подрачје на широката плодна војводинска рамница сместени на северозападниот дел на Бачка, кое катастарски се води како територија на Хрватска, иако се наоѓа покрај левиот српски брег на Дунав.
Кенџија е дел од се уште нерешениот хрватско-српски граничен спор кој опфаќа 10.000 хектари хрватско земјиште од другата страна на Дунав, откако по мирната реинтеграција на хрватското Подунавје, како привремена граница меѓу двете држави беше одредена средината на Дунав.
Таа привременост се уште е на сила, бидејќи спорот не е решен.
Србија сакаше сегашната привремена состојба да стане трајна, но тоа би значело Хрватска да се откаже од 10.000 хектари од своето земјиште во замена за 1.000 хектари земјиште кое катастарски и припаѓа на Србија, а се наоѓа на хрватската страна на Дунав.
Така на пример, на Србија би и припаднале Шаренградската и Вуковарската ада, но и 900 хектари од Кенџија, единствено населено спорно подрачје со плодни ниви.
За Кенџија во хрватските медиуми веќе на големо се пишуваше и зборуваше. Таму одеа и политички делегации, но состојбата никогаш не е решена во целост.
– Проблемот е што ние своите производи не смееме да ги предаваме и продаваме во Хрватска, бидејќи ни е забрането да ги пренесуваме преку граничниот премин Бездан-Батина, вели Илонка Пержела, која со сопругот Шандор, истоимениот син, ќерката Јудит и мајката Верона, на имотот чуваат крави и овци, а обработуваат и 30 хектари земја.
Како што вели таа, синот и сопругот отишле во Бели Манастир, бидејќи на синот му истекла личната карта.
– Мора да ја продолжи, а потоа тука во Бездан да се пријави како странец. Не можам да кажам дека Хрватска не ни помага. Еве, мама има хрватска пензија, а ние добиваме субвенции од Министерството за земјоделство, но се што ќе произведеме мораме да го продаваме на пазарот во Бездан. И тоа не би можеле ако сопругот не земеше српско државјанство, а сега и јас го побарав. Чекам решение. Проблем има, но веќе се навикнавме, иако би било добро кога би можеле млекото, сирењето и кајмакот да го продаваме во Хрватска. Ете, ни дизел гориво не смееме да купиме во Хрватска, па да го пренесеме тука, додава Илонка.
Таа го потврдува она што веќе некое време се знае – хрватските граѓани во Кенџија се соочени со егзистенцијални проблеми и се одлучиле да земат српско државјанство за да можат да преживеат. Не сите, но добар дел од нив земаа.
– Јас не сум и нема да земам, но мојата ќерка зема српско државјанство. Мене не ми треба. Има луѓе кои земаа и унгарско државјанство. Којзнае, можеби некој земал и германско. наведува Стеван Шота.
еговата пензија во Хрватска ја подигнува пријател од Батина, па му ја носи дома.
На нивните куќи под куќните броеви пишува Батина Кенџија. Но, такви малку останаа. Многу Срби купија викендици на Кенџија, а дел од хрватските државјани се преселија во Бездан.
Шандор Шипош е од Батина, но е и заменик градоначалник на општината Драж, на која Кенџија административно и припаѓа. Тој вели дека редовно ги посетува сонародниците во Кенџија, дека преку унгарскиот Совет за национални малцинства се обидувале да ги решат нивните проблеми со МВР, Министертсвото за земјоделство и Министерството за правда, но дека ништо не се случило.
– Најголем проблем е царинската служба во која велат дека нивните производи треба секој пат фитопатолошки да се прегледаат, а од тоа произлегува дека Царината таа територија воопшто не ја смета за хрватска. Државата е виновна што тој простор е заборавен и запуштен. Останаа само старци и речиси немоќни лица. Ние како Општина ништо не наплатуваме, а имаме и една фирма која е регистрирана во Кенџија. Човекот го води книговодството во Осијек, но седиштето на фирмата е во Кенџија, па Општина Драж го плаќа данокот. Тоа е позитивен пример на човек кој не сака да се откаже од своето и кој и помага на општината на која административно и припаѓа, истакнува Шипош.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.