Во серија експлозии во населбите од ирачката престолнина Багдад населени со припадници на шиитската заедница загинаа повеќе од 50 луѓе. Иако засега ниедна група не ја презема одговорноста за денешните напади, локалните медиуми потсетуваат дека сунитските исламистички бунтовници и ирачкото крило на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда од почетокот на годинава ги зачестија нападите врз шиитската заедница во настојувањата да предизвикаат поширок судир.
Најмалку 11 експлозии одекнале на пазарите и трговските улици во багдадските квартови а во две експлозии кои се случиле на оддалеченост од само стотина метри во областа Садр сити се убиени најмалку 13 луѓе, пренесува Reuters повикувајќи се на безбедносни и болнички извори.
Тензиите меѓу ирачкото шиитско раководство и ирачките сунитски екстремисти се најголеми откако единиците на САД во декември 2011 година ја напуштија земјата, а кревката општествена рамнотежа ја нарушува и меѓусекташкиот конфликт во соседна Сирија.
Иако интензитетот на политичките и секташки насилства во Ирак е релативно намален во однос на периодот од 2006 до 2007 година кога земјата беше на работ на граѓанска војна со илјадници загинати, последните месеци терористичките напади станаа речиси ирачко секојдневие.
Во насилството во Ирак во април загинале 712 луѓе и 1,633 ранет, и тоа е најсмртоносниот месец во последните пет години од јуни 2008 година, според Мисијата за помош на Ирак при Обединетите нации (UNAMI) од каде предупредуваат дека секташкото насилство може да предизвика граѓанска војна, на чиј раб беше земјата во 2006 година, слична на онаа што последните години трае во соседна Сирија.
Новиот бран насилства во Ирак започна на 23-ти април кога безбедносните сили се судрија со милитантите и сунитските антивладини демонстранти, во неколку градови како Рамади и Хавиџа во близина на Киркук.
Најновите напади во Ирак се поврзани со големата историска нетрпеливост меѓу двете најголеми верски заедници во земјата, шиитите и сунитите. Екстремистичките групи во Ирак ги засилија нападите минатите седмици за да ја дестабилизираат власта на премиерот Нури ал-Малики, во време на одржувањето на кампањата за локалните избори што се одржаа минатата недела, први по заминувањето на американските сили од земјата. Неговата влада влезе во жесток судир со милитантите, особено по подобрувањето на односите меѓу Багдад и Техеран каде што мнозинство, исто така, се шиитските муслимани, а Малики зазема неутрален став и во однос на граѓанската војна во соседна Сирија каде што сунитските опозициски бунтовници две години се борат да го соборат од власта претседателот Башар ал-Асад кој е припадник на малцинските алавити (органок на шиитскиот ислам).
Некои групи од сунитите, коишто во времето на диктаторот Садам Хусеин ја држеа власта, коишто на државно ниво се малцинство со 33 отсто наспроти 66 проценти шиити, се блиски со глобалната терористичка мрежа Ал Каеда и вршат напади врз припадници на шиитското мнозинство, врз ирачките безбедносни сили, како и врз сунитските прозападни политичари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
САД воведоа нови санкции за Русија, Москва смета дека е реванш за Сирија
-
Нови напади на Сирија: Соборени 9 ракети (видео)
-
Сирија од минута во минута: Асад порача: Сиријците не се плашат од НАТО, сега видовме дека оружјето им е застарено! (видео)
-
Српски дипломат тврди: Се знаеја и времето и метите за нападите во Сирија!


