Македонската информативна агенција – МИА денеска одбележува 25 години од основањето односно од одлуката на Собранието со која беше формирана како национална новинска агенција на самостојна Република Македонија.
– Заради целосно, навремено и објективно информирање на граѓаните, како и за информирање на меѓународната јавност за активостите на републичките органи и другите субјекти во Републиката се основа јавно претпријатие под името Македонска информативна агенција, стои во основачкиот документ на Законодавниот дом од 18 февруари 1992 година со кој се положи темелот на МИА.
Сепак, од непознати причини, активирањето и функционирањето на Агенцијата се одложуваше наредните 5-6 години. Тогашната влада реши професионалното агенциско работење да го супституира со основање на Македонско прес биро (МПБ), кое функционираше во рамките на тогашното Министерство за информации.
Во почетокот на 1998 владата донесе одлука МИА да се активира и да профункционира, како јавен информативен сервис, а истата година на 30 септември почна и редовната продукција на вести. Во почетокот тоа беа вести и извештаи на македонски и англиски јазик. Во мај 1999 година во МИА е формирана Албанска редакција и од тогаш Агенцијата има редовни сервиси на албански јазик.
Иако по бројот на вработени МИА е меѓу најмалите, според продукцијата е во редот на најпродуктивните новински агенции на Балканот. Секој ден до своите корисници, од сите сервиси и потсервиси емитува 700 артикли, што на месечно ниво изнесува над 20.000 артикли.
МИА емитува вести на македонски, на албански и на англиски јазик. Го сервисира целиот информативен простор – печатените и електронските медиуми во земјата и медиумите на македонски јазик во странство, државните органи и институции, македонските амбасади и други странски организации, институции, мисии… Произведува и специјални тематски потсервиси и дневни и неделни билтени, продуцира и Фото-сервис и Фоно-сервис што се достапни преку веб-страницата на Агенцијата.
МИА во изминатите години се здоби со значаен авторитет на веродостоен извор на информации од Македонија. Големите светски агенции ја цитираат како извор на информацијата и во ситуации кога се прават анализи и текстови за меѓународни политички и економски прашања поврзани со Македонија и регионот. Вестите на МИА од земјата и од странство станаа и останаа значаен дел на содржините на македонските печатени и електронски медиуми. Последните години МИА отвори специјални дописништва во големите светски центри.
МИА е членка и на Светскиот конгрес на новински агенции – NAWC, на АБНА – Асоцијацијата на балкански новински агенции и на Црноморската асоцијација на национални новински агенции – BSANNA.
МИА исто така е дел на информативните пулови на: АГЕРПРЕС (Романија), БТА (Бугарија), АТА (Албанија), ТАНЈУГ (Србија), МИНА (Црна Гора), ФЕНА и СРНА (БиХ), СТА (Словенија), ХИНА (Хрватска), АНА-МПА (Грција), АНАДОЛИЈА (Турција), АПА (Австрија), ЕФЕ (Шпанија)…
Македонската информативна агенција соработува и со големите новински агенции – руската ИТАР-ТАСС, кинеската ХСИНХУА, иранската ИРНА, катарската КНА, британскиот јавен сервис Би-Би-Си, германската ДПА, а сервисите на МИА ги користат и светските информативни сервиси Дојче веле, Слободна Европа, Гласот на Америка..
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.