| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ во Центар се подели пред локалните избори: Жерновски на една страна, Куновска и Богдановиќ на друга

Поделеност во Социјалдемократскиот сојуз за тоа кој ќе биде кандидат за Градоначалник на Општина Центар за претстојните локални избори. Според информациите до кои дојде „Дневник“, на едната страна на приказната се наоѓа актуелниот градоначалник Андреј Жерновски, кој најверојатно ќе истрча како независен кандидат. До ваква одлука, како што тврдат извори за „Дневник“, дошло поради тоа што Жерновски не покажал лојалност кон раководството на СДСМ изминатите 4 години, па ја изгубил поддршката од Зоран Заев.

На другата страна, пак, во игра се две имиња: Саша Богдановиќ, директорот на „Паркинзи на општина Центар“, и Софија Kуновска, поранешната пратеничка и претседателка на скопскиот разгранок на СДСМ.

Имено, членството што во чекор го следи актуелниот лидер Заев својата поддршка за кандидат за иден градоначалник на Центар веројатно ќе му ја довери на Богдановиќ, кој важи за човек од доверба на лидерот на партијата. Другите, пак, кои не се сложуваат со политиките на лидерот и се реално исклучени од опкружувањето на Заев откако тој дојде на чело на партијата, за предводник на Центар ќе ја поддржат Kуновска. Таа е меѓу оние што отворено ја критикуваат политиката на актуелното партиско раководство. Нејзиниот револт на адреса на Заев за време на партискиот конгрес кога се креираа кандидатските листи за пратеници ги фрли во сенка листите и ги преполни медиумите. Истиот ден Kуновска си поднесе оставка од претседателската функција на скопскиот партиски разгранок на СДСМ, револтирана што Заев на пратеничката кандидатска листа ~ даде предност на Лилјана Поповска од ДОМ, долгогодишен коалиционен партнер во власта предводена од Никола Груевски.

Жерновски има искуство, ама Kуновска е жена и може да направи повеќе.

Врз основа на информациите со кои располагавме, „Дневник“ спроведе мини-анкета меѓу жителите на општина Центар за тоа кој би бил нивниот избор – Андреј Жерновски, Софија Kуновска или Саша Богдановиќ.

Голем дел од граѓаните, особено младите, одбија директно да кажат за кого од тројцата би гласале, посебно што во оваа листа нема кандидати од други партии, пред с` од ВМРО-ДПМНЕ. Некои не сакаа да кажат ништо, едноставно, велејќи дека не сакаат да зборуваат за политика. Сепак, од одговорите може да се заклучи оти Жерновски е во блага предност, но само заради тоа што веќе има искуство на градоначалничката функција. Блиску до него, според нашата анкета, е Kуновска за која граѓаните веруваат дека како жена може да стори многу повеќе и заслужува шанса. Најмалку гласови во овој наш разговор со граѓаните, за кој не претендираме дека е вистински репер за расположението на жителите, би добил Богдановиќ.

Анкетираните граѓани – главно пензионери, првин си ги кажаа маките за она што моментно најмногу ги загрижува – загадувањето. Велат дека се свесни оти Општината сама по себе не може да го реши проблемот и следствено на тоа вината за прекумерната загаденост не ја гледаат во локална власт. Но, истовремено му забележуваат на Жерновски оти не нашол решение за густиот сообраќај и градежните активности со кои и онака слабото зеленило се уништува.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top