Тим научници од Бирмингем, Англија, успеал да пронајде член на СДСМ што прашал што има во текстот што Зоран Заев го испрати до Али Ахмети како понуда што одговара на барањата на ДУИ од платформата на Албанците.
По долго истражување и безнадежност дека ќе се пронајде каков било таков човек не само во Македонија, туку во целиот свет, научниците од Англија успеале да пронајдат барем еден човек што се осмелил и дрзнал јавно да праша што, всушност, Заев му понуди на Ахмети за да ги добие потписите за да биде мандатар и да составува влада во Македонија.
– Не беше лесно… ух, речиси ја загубивме секоја надеж – вели Линда Џонсон од истражувачкиот тим од Англија.
– Бевме подготвени да го напуштиме пребарувањето и да се фокусираме на полесни задачи, како на пример да пронајдеме јети, вонземјани и чудовиштето од Лох Нес, меѓутоа пред да нѐ напуштат последните атоми сила, дојде до ова неверојатно откритие – додава таа.
Миле Ристов е името на членот на СДСМ што е најголемото научно откритие во поновата историја на 21 век. Овој хомосапиенс е единствениот жив човек со членска книшка на СДСМ, кој откако Заев доставил документ од 72 страници до Ахмети, се дрзнал да праша што има во документот.
– Па, како да ви кажам, воопшто не беше лесно. Луѓе се качувале на Еверест за првпат, се качувале на Месечината, ама мислам дека никој немаше ташаци за да прашува такви прашања. И како да ви кажам, една вечер многу се опив бидејќи фатив пари во обложувалница, 2.000 евра! И таков опиен си дојдех дома во 3 часот наутро и одеднаш не знам од каде ми дојде таа сила, се почувствував како Херкулес, и напишав статус: „Извинејте човеци, абе некој случајно да не е начул нешто сосема малкуцка барем што е пишал Заев во документо до Али Ахмети за платформата шо треба да му одговоре“… и притиснав да са објаве статусо… абе, не знаејте каква ладна пот ме облеа одма, си реков – еее това е Милето, кога си глуп, пијаницо една, дотука било… си праша, саа че си кркаш – вели новото светско чудо Миле Ристов од Ново Село, Струмичко.
Откако го поставил прашањето, иако било три часот наутро, веднаш зоврел целиот „Фејсбук“.
– Тие шо ме знаеја оти сум СДС, веднаш ми пишаа приватни пораки дали сам нормалан, дали сакам живото да ми згасне, како не ме е срам да прашувам такви нешта, дали сам будала шо не му верувам слепо на прецеднико Заев и јас на сите им реков оти сум пијана будала и че исчезнам бескрајно од Македонија за да не ма убијат – сведочи Ристов.
– Еми шо да праам, белјата веќе беше направена. Се спакував набрзински и тргнав према аеродромо во Скопје, јасно ми беше колку е саато, дека прашах нешто што не сам смеел да прашувам. Оти е голем грех. И стигнав на аеродромо, за првио авион реков да ми дадејте карта и за Лондон беше тој и така. После симна се до Бирмингем пошо сакам много пиво, а бир на англиски е пиво и си мислех дека тука има многу пиво и не е лошо, има шо е право – додава новата македонска легенда Ристов.
Научниците го откриле случајно кога една вечер потпрен на некој локален шанк во високоалкохолизирана состојба на еден човек што стоел до него му признал дека тој е тој член на СДСМ, кој го поставил забранетото прашање: „Што му ветил Заев на Ахмети за да добие потписи за мандат за формирање влада“.
Човекот до него иако бил, исто така, поднапиен, сепак се шокирал од овие зборови, пријавил во локалниот центар за тревожење и кризи по што тим специјалци пристигнале и го спровеле Ристов на испитување.
– Не ни се веруваше дека ќе го најдеме овој човек, навистина сме пресреќни. Ова е најголемото научно откритие на овој век и сум речиси сигурна дека ќе ја добиеме Нобеловата награда за откритие на деценијата – вели Линда Џонсон.
Како што дознаваме, поради опасноста по живот за Ристов, британските тајни служби веќе му обезбедиле нов идентитет и тајна локација на која ќе биде сместен, со цел да не биде пронајден од одмаздољубивите членови на СДСМ, кои не може да си простат што еден член на оваа партија се дрзнал да праша што содржи документот од Заев за Ахмети, а не молчел покорно и послушно како сите други.
Кромиди Запад
*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.
Кромиди Запад
*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.
*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.