| четврток, 6 декември 2018 |

Моќните сојузници на Еди Рама: Зошто амбасадорите на ЕУ и САД молчат за дрогата и корупцијата во Албанија

Навистина е чудно што амбасадорите на ЕУ и САД во Тирана, Романа Влахутин и Доналд Лу, молчат кога станува збор за плантажите со дрога, шверцот и корупцијата во Албанија, пишува бриселскиот неделник „Њу Јуроп“.

Во анализата со наслов „Моќните сојузници на Еди Рама“ се посветува внимание на моментната состојба во соседна Албанија и влијанието на Лу, како и неговите недоразбирања со одредени албански службеници.

Албанија мина низ долг и болен процес на демократизација по паѓањето на комунистичкиот режим пред 25 години, но успеа релативно добро во своите напори да стане модерна демократска држава. Плуралистичкиот политички систем работи и демократски избраниот парламент ги изгласува законите. Граѓанските и човековите права официјално се почитуваат, се наведува во анализата и се додава дека само затоа Албанија е членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ. Но, тука завршуваат добрите вести.

„Владејачката Социјалистичка партија на Еди Рама е обвинета за голема корупција и поврзаност со шверцерите на дрога. Партијата исто така е обвинета дека користи недемократски методи за да остане на власт. Неодамна контроверзната реформа на правосудниот систем беше едногласно изгласана во парламентот по силен отпор од опозициските партии загрижени за правдата“, стои во текстот.

Во анализата се споменуваат два текста, кои неодамна беа објавени во „Хафингтон пост“ и во „Вашингтон тајмс“, а според кои, во Албанија има напори од одредени интереси за поддршка на сегашниот премиер Еди Рама на следните парламентарни избори, кои ќе се одржат во јуни. Според весникот, не е тајна дека владата на Рама ги користи советите на фондацијата на Сорос. Се додава дека изгледа оти е воспоставена сомнителна соработка на владата со американскиот амбасадор Лу.

„Владата на Еди Рама е обвинета за мрачни врски со шверцери на дрога. Албанските правосудни служби отворија истрага, која владејачката партија сака да ја запре. Поради тоа што има значителен број судии што се обидуваат да дадат отпор и да си ја вршат работата, владините напори за блокирање на истрагата досега не успеаја. Во тој момент американскиот амбасадор влезе во играта“, се наведува во анализата.

Се додава дека амбасадорот со радикален чекор ги повлече визите за околу 70 судии и обвинители, сите наводно блиски со опозициската Демократска партија. Официјалното објаснување на амбасадата беше дека службениците веќе не се квалификувани за американска виза. Според весникот, интересно е што ниеден судија или обвинител близок со Социјалистичката партија немаше такво искуство.

Мешањето на американскиот амбасадор не запре тука, се додава во текстот. Тој отворено го обвини јавниот обвинител Адријатик Лала дека ја попречувал правната реформа. Според писмото што јавниот обвинител го испрати до претседателот на државата и до претседателот на собранието, американскиот амбасадор му се заканувал со лични и институционални последици.

„Навистина е чудно што амбасадорите и на ЕУ и на САД во Тирана, Влахутин и Лу, молчат кога станува збор за плантажите со дрога, шверцот и за корупцијата“ – стои во текстот.

На крајот, сепак, се наведува дека има надеж, бидејќи е отпуштен шефот на кабинетот на Еуралис (Мисија за помош од ЕУ за албанскиот правосуден систем) во Албанија поради грешка во превод на закон, поради која меѓународната заедница ќе одобреше имплементација на реформата во правосудството така што Рама ќе имаше апсолутна власт.

Сопругот на Влахутин е во Одборот на фондацијата на Сорос во БиХ

Дали наводните сомневања дека Сорос е врската меѓу владата и овие амбасадори се вистинити? Не е тајна дека сопругот на Влахутин исто така е во бордот на фондацијата на Сорос во Босна и Херцеговина, а е активен и во кампањата против Доналд Трамп.

Наводно, Сорос имал бенефиции од европските и владините тендери во Албанија, пишува „Њу Јуроп“. Неколку неименувани странски дипломати во Тирана изразиле незадоволство од Влахутин поради недостиг од транспарентност во менаџирањето на фондовите на ЕУ, алоцирани и потрошени во Албанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top