Фејсбук ги прави среќните несреќни, љубоморните завидливи, депресивните уште подепресивни, е генералниот заклучок на повеќе студии објавени во последнава деценија, откако постои Фејсбукот.
Психолозите и социолозите главно се согласуваат дека луѓето не се свесни колку време поминуваат на социјалната мрежа, типичниот зависник од Фејсбук на својот профил поминува барем четири часа дневно, склон е кон депресија и има ниска самодоверба во поглед на својот физички изглед и карактер, ги запоставуваат реалните обврски за сметка на помалку важните активности. Сепак, група психолози и социолози на зависноста од социјални мрежи ѝ пристапуваат и од спротивен агол – тие ја истакнуваат желбата за припадност, а некои, пак, сметаат дека Фејсбукот е погоден за создавање зависност на екстровертни луѓе, кои тешко започнуваат комуникација во реалниот свет, затоа што е привид на комуникација. Ваквиот тип луѓе кои комуницираат на Фејсбук имаат целосна контрола над разговорот, можат да го прекинат кога ќе стане неприфатлив и да започнат нова комуникација со некој друг пријател.
Иако и самите сме сведоци дека социјалните мрежи окупираат значителен дел од нашето време и внимание и дека имаат големо влијание врз нашите животи и продуктивноста фејсманијата сѐ уште не се наоѓа на ниту една од двете листи на ментални нарушувања Дијагностичко-статистичкиот прирачник за ментални нарушувања (DSM) и Меѓународната класификација на болестите (ISD).
Причина за тоа е токму различниот пристап на психолозите, според кои досеганите истражувања не обезбедиле доволно уверливи емпириски докази кои би го оправдале потегот.
Од друга страна, истражувањата на оваа тема покажуваат дека и една недела одмор од Фејсбук и општо од социјалните мрежи преродува – апстинентите се многу позадоволни од сопствениот живот, а секако и порасположени.
Модерното време носи модерни болести, а зависноста од Фејсбук не е нешто ново, туку продолжување на една поширока тема – зависност од интернет. Кога некој минува повеќе од 4 до 6 часа дневно на интернет било да е на Фејсбук, Инстаграм или Снепчет, па дури и страница со дневни вести, се смета дека е зависен од интернет, вели психологот Натка Пацоска од Институтот за брак и семејство. Доколку се случи да снема интернет, струја, да се расипе компјутер, телефон, објаснува таа, тогаш лицето станува силно анксиозно од една страна, а од друга страна не знае како да ја победи здодевноста.
Востановено дека Фејсбукот ги прави луѓето несреќни и завидливи, дали кај нас се направени истражувања во оваа насока?
– Дали Фејсбук ги прави луѓето несреќни, завидливи – некои истражувања во светот го покажуваат тоа. Таквото однесување е поврзано со фотографиите и другите објави од пријатели и познаници од местата што ги посетиле, каде заминале на патување, со кого се дружеле, во кои локали во градот се движат, какви автомобили возат, какви подароци добиле и сл. Кај нас такви истражувања се инцидентни и не можат да ја изразат вистинската слика дали и колку употребата на социјалните мрежи ги прави луѓето зависни, завидливи, несреќни.
Употребата на Фејсбук има и позитивни страни освен негативни. Такви позитивни страни се контакт и комуникација со многу луѓе, возобновување на стари пријателства, комуникација со роднини кои се далеку.
Негативни се поминување долго време во текот на денот (најголемиот дел слободно време) на социјалните мрежи, комуникација со луѓе преку лажни профили, опасност од разни криминални дејствија на група на корисници и слично.
Во Македонија интернет користат 1.408.278 луѓе или 68,1 процент од населението, а од нив милион се приклучени на социјалната мрежа Фејсбук.
Фејсбукот создава зависност слична на онаа од коцкање, цигари, па и од кокаин. Во регионот работат ординации, некаде и клиники кои нудат (блесплатно) лекување на зависноста од Фејсбук. Во 2013 година во Црна Гора се регистрирани првите случаи на излекувани пациенти, тинејџери. Дали во Македонија има регистирани случаи на зависници од социјалните мрежи?
– Немам сознанија дека во Македонија има регистрирано лица зависни од Фејсбук. Доколку има лица зависни од социјалните мрежи и се појавени за третман, тоа се инцидентни случаи во поедини ординации или психотерапевски кабинети. Но, сѐ поголем број лица кои регистрираат профили на Фејсбук и сѐ поголемата распространетост на комуникацијата преку Фејсбук, запознавање и формирање врски, укажува на тоа дека сѐ поголем број луѓе голем дел од слободното време го поминуваат на социјалните мрежи. Ваквото однесување е сѐ поблиску до зависност од социјални мрежи.
Третманот на ваков тип зависност треба да се спроведува психотерапевски, а доколку зависноста е проследена со некои ментални потешкотии, неопходно е да се вклучи и психијатар кој би предложил медикаментозна терапија. Инцидентните случаи кои се третираат најчесто се јавуваат за психотерапија и тоа на инсистирање на семејството и најчесто првично поради други проблеми, како на пример проблеми со учење, работа и сл. а тоа всушност е последица на состојбата на зависност од интернет, објаснува Пацоска.
Дали луѓето кои имаат проблем ги следат препораките на лекарите, дали соработуваат семејствата и училиштата ако станува збор за ученици и фирмите доколку се работи за возрасни луѓе?
Во нашето искуство во Институтот за брак семејство и системска пракса Алтернатива лицата кои побарале психотерапевска помош соработувале, ги следеле инструкциите, а најчесто во третманот било вклучено целото семејство или дел од семејството и сите заедно работеле на промена на состојбата зависност од интернет . Во однос на вклучување на надворешни системи, како што се училишта или други установи, сѐ уште немало потреба или сакале да остане надвор од нивните сознанија.
Денеска сме поврзани повеќе од кога било и исто толку отуѓени. Дали постои стратегија човекот да му се врати на човечкото или полека стануваме машини?
Токму така, денес сме поврзани многу повеќе од кога било. Тоа ни го овозможи технологијата. Ако нешто е веќе искусено како напреден начин на поврзување, веројатно тешко ќе се прекине. Препорачувам децата да имаат дозволено, но ограничено време за пристап на интернет, родителите да постават граници во однос на користењето на мобилни, интернет, видеоигри за да го одржат директниот контакт со другите деца и социјализациските вештини да ги градат со контакт очи во очи. Тоа е единствената стратегија која ќе придонесе да изградиме генерација на која директна комуникација ќе ѝ значи и ќе овозможи да се намали ризикот од зависност од интернет и опасноста човекот да стане машина.
Како да препознаете дали сте зависни од Фејсбук
- Денот ви започнува со преглед на Фејсбукот.
- Се заборавате на Фејсбук и доцна заспивате.
- На Фејсбук поминувате повеќе од еден час на ден.
- Пребарувате некогашни пријатели или љубови на Фејсбук.
- Сурфате на Фејсбук интензивно во текот на работното време.
- Помислата да го згаснете профилот ви предизвикува немир.
Половина Македонија има профил на Фејсбук
Според податоците на Светската здравствена организација, над 350 милиони луѓе на светот страдаат од депресија, а бројни студии покажаа дека користењето на социјалните мрежи во голема мерка има влијание врз психичкото здравје на луѓето.
Според Интернет ворлд стат, пак, интернет користат 3,345 милијарди луѓе или 46,1 процент од вкупната светска популација.
Пишува: Катерина Митиќ
Текстот е објавен во 233 број на неделникот „Република“, кој излезе од печат на 17 февруари 2017 година
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.