| четврток, 6 декември 2018 |

Писмо од Џони Кеш до сопругата прогласено за најубаво љубовно писмо на сите времиња

Честитка што Џони Кеш ѝ ја напишал на својата сопруга Џун Картер е прогласена за најубаво љубовно писмо на сите времиња.

Писмото е напишано во 1994 година, а во него „човекот во црно“ на жена си ѝ го честита 65-тиот роденден, со што ги освоил најголемиот број гласачи што во анкетата на британската осигурителна компанија Бигл стрит во пресрет на Денот на вљубените го избирале најубавото љубовно писмо.

-Среќен роденден, принцезо. Старееме и се навикнуваме еден на друг. Исто размислуваме. Си ги читаме мислите еден на друг. Знаеме што сакаме без ниту едно поставено прашање. Понекогаш малку си одиме на нерви. Понекогаш можеби и се земаме здраво за готово.

Но понекогаш, како денес, размислувам за сè и ми станува јасно колку сум среќен што животот го поминав со најдобрата жена што некогаш сум ја сретнал. Сè уште ме фасцинираш и ме инспирираш. Твоето влијание ме прави подобар. Ти си предмет на моите желби и главната причина поради која постојам. Многу те сакам.

Среќен роденден, принцезо

Џон“

Меѓу другите писма во конкуренција биле и писма напишани од Винстон Черчил, Џон Китс, Ернест Хемингвеј и Бетовен.

2. Писмо на Винстон Черчил до сопругата Клементина (1935)

-Драга моја Клеми, во твоето писмо од Мадрас ми напиша зборови што ме трогнаа, за тоа колку сум го збогатил твојот живот. Не можам да ти опишам колку тоа ме усреќи зашто кога би постоеле љубовни сметки, јас засекогаш би ти должел.

3. Писмото на Џон Китс до Фани Брон (1819)

-Не можам да постојам без тебе. Заборавам на сè друго и само сакам повторно да те видам. Мојот живот во тој момент запира. Не гледам понатаму. Ти ме апсорбира….

4. Писмо на Ернест Хемингвеј до Марлен Дитрих (1951)

-Не можам да ти опишам дека секогаш кога ќе те прегрнам, се чувствувам како да сум дома.

5. Наполеон и Џозефина (1796)

-Откако те напуштив, постојано сум потиштен. Мојата среќа е покрај тебе. Постојано ги преживувам спомените за твоите допири, солзи, твојата грижливост. Пламенот на шармот на неспоредливата Џозефина постојано гори и сјае во моето срце.

6. Ричард Бартон до Елизабет Тејлор (1964)

-Моите слепи очи постојано чекаат да те видат. Ти, се разбира, не си свесна за тоа, како ни за тоа дека отсекогаш си замајувачки убава и дека на необичен начин си стекнала некоја посебна и опасна милост.

7. Кралот Хенри Осми до Ана Болејн (1527)

-Сакам да ги знам твоите намери во однос на нашата љубов. Морам да го добијам тој одговор зашто повеќе од една година сум ранет со стрелата на љубовта, а сè уште не знам дали ќе пропаднам или ќе најдам место во твоето срце.

8. Писмо на Бетовен до мистериозната „бесмртна љубов“

„И додека лежам во постела, моите мисли итаат кон тебе, моја Бесмртна Љубов, тук-таму весело, па повторно тажно, исчекувајќи од судбината дали ќе нè послуша. Можам само да живеам со тебе или воопшто да не живеам без тебе.“

9. Писмо на Џералд Форд до Бети Форд кратко време откако ѝ бил дијагностициран рак на дојка (1974)

-Не постојат напишани зборови што би можеле да ја изразат мојата длабока, длабока љубов. Знаеме колку си прекрасна и ние, децата и таткото, ќе се обидеме да бидеме силни како тебе. Нашата верба во тебе и во бога ќе нè одржи. Нашата заедничка љубов е вечна.“

10. Џими Хендрикс до своето „девојче“ (непознат датум)

-Среќата е во тебе. Затоа отфрли ги синџирите од срцето и расти како слаткиот цвет којшто си. Го знам одговорот, само рашири ги крилата и биди слободна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top