Србија прави се што може за бегалците со цел да го прикаже своето хумано лице, но не може да се претвори во „паркинг за мигрантите“, ниту може сама да ја плаќа цената за нивно издржување, изјави денеска српскиот премиер Александар Вучиќ.
На заедничката прес-конференција во Белград со австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц, Вучиќ нагласи дека за разлика од некои други земји во регионот кои ветија дека ќе примат пет или десет илјади бегалци, а не примија ниту еден, дури и ги протеруваа, Србија го приафти секој мигрант што пристигна на нејзина територија и речиси сите тие сега се сместени во прифатни центри.
– Сепак има и некои, сега ги има околу 500, кои не сакаат да одат во прифатните центри, бидејќи сметаат дека на тој начин полесно ќе дојдат до криумчарите со луѓе, кои потоа можат да ги пренесат преку Хрватска до некоја од земјите на ЕУ, рече Вучиќ.
Тој му се заблагодари на Курц за разбирањето и помошта што Австрија и ја дава на Србија, како на материјалната помош, така и во испраќањето на полицајци кои им помагаат на српските колеги во контрола на граничните премини.
– Благодарни сме на поддршката од Австрија и очекуваме уште подобра соработка, изјави Вучиќ по средбата со Курц.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.