Тимот на Катица Јанева оваа недела само од Охрид повикала повеќе од 200 лица на распит, поврзано со истрага за донациите во партијата. Меѓу нив се вработени во полицијата, во подрачните единици на министерствата и на други државни институции во Охрид. Во СЈО биле поканети на распит и партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои, пак, никогаш немале извршни функции.
Информациите на „Република“ претходно укажаа дека следува период што ќе биде обележан со спектакли на Специјалното обвинителство, со цел повторно да се оцрни ВМРО-ДПМНЕ и, преку известувањата на медиумите што се во директна врска со СДСМ и во финансиска поврзаност со Сорос, да се намали притисокот врз лидерот на СДСМ Зоран Заев од јавноста не само за неуспехот на изборите, туку и спроти преговорите за формирање влада со прифаќање на сеалбанската платформа.
Начинот на кој во еден ден беше пренесена информацијата од Охрид на медиумите што ја поддржуваат политиката на Заев тоа и го докажува. Без да се измени ниту збор, сите до еден ја пренесоа информацијата повикувајќи се на „свои извори во СЈО“ и додавајќи дека од таму „ниту потврдуваат ниту демантираат“.
Очигледна е заднината и времето кога СЈО ја организира оваа хајка против ВМРО-ДПМНЕ и донаторите во партијата. СДСМ не успеа и покрај изборниот инженеринг и поддршката од самонаречениот граѓански сектор да извојува победа на изборите во декември. Позицијата „втор“ според Уставот не му овозможува директен тикет на Заев за мандатар. Притоа, ниту „широка коалиција“ со сите партии на етничките партии во неа не му овозможува комоција да ја редефинира државата. СЈО, притоа, ја злоупотреби позицијата и го отфрли случајот „Пуч“ во кој Заев беше високо рангиран во заканите за насилно уривање на власта, со што, де факто, повторно го аболираше лидерот на социјалдемократите.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ го потврди резултатот од 2014 година според бројот на освоени гласови во 2016 година, што фрли сомнеж врз основаноста на обвиненијата од СДСМ за местење на изборите. Сето случување по изборите, пак, неприфаќањето на условувањето за коалиција по секоја цена, односно одбивањето на антимакедонската сеалбанска платформа, само ги зацврстија позициите на ВМРО-ДПМНЕ во јавноста, наспроти падот на поддршката на политиката што ја води раководството на СДСМ со своите главни партнери Беса и Алијанса. И, очекувано, СЈО, притаеното орудие на Заев, мораше да биде активирано.
Сознанијата на „Република“, кои беа објавени пред „големото откритие“ на левите медиуми, посочуваат дека во Специјалното јавно обвинителство се повикуваат функционери, но и 1.000 до 1.500 членови на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Главна цел на овие распити е конструирање предмети поврзани со изборите 2014 година, но и фабрикување нов, кој би се однесувал на финансирање на партијата.
За методите за распит во СЈО, со користење уцени, заплашувања и обиди за манипулирање, веќе е пишувано. Дел од тие членови на ВМРО-ДПМНЕ што беа повикани на распит пред изборите лани, во видеосведоштва ги опишаа методите на СЈО. Во СЈО ги обвинувале дека „знаеле“дека тие не донирале, блефирале дека, наводно, постоеле снимки од банките со кои се потврдувало дека тие не ги уплатиле парите обидувајќи се да ги заплашат дека било криминал и ако некому му дале пари да уплати како донација за партијата, како и закани со притвор, ако не „признаеле“ кој им ги дал парите.
Еден од аспектите кога се разгледува оваа хајка на СЈО е што доаѓа во време кога дел од медиумите се сомневаат во финансискиот извештај на СДСМ од последната изборна кампања.
Така, „Нетпрес“ објави дузина нелогичности во финансиските извештаи објaвени од Државниот завод за ревизија, за првиот и за вториот дел од кампањата, каде што се прикажани нереално ниски суми за повеќе ставки. Наведените трошоци за реклами и за пропаганда, односно реклами на телевизиите, радијата, интернет-порталите, печатените медиуми, рекламните паноа, во некои сегменти и печатењето летоци, во однос на ценовниците за реклами во медиумите што претходно беа транспарентно објавени и еднакви за сите политички партии, а пресметано со реалното време и простор, кое партијата го има закупено, се доаѓа до многу поголема сума од прикажаната во финансискиот извештај. Втор сегмент што се нагласува е дека во двата финансиски извештаја на партијата недостига ставка за превоз и за транспорт што е и премногу сомнително имајќи ги предвид ангажираните возила за масовен транспорт за партиското членство за митинзите.
Интересно е и донирањето поголеми суми во СДСМ на дел од новите пратеници во предизборието. Некои од нив, три дена по ред уплатувале по 59.000 денари, сума што се повторува кај повеќето донатори на партијата во текот на една недела. Прашањето што се поставува во јавноста е зошто и од каде исти, инаку „невработени“, секојдневно уплатуваа големи суми донации? Одговорите на овие прашања, сепак, треба да си ги дадат надлежните институции.
Колку и да е проѕирно функционирањето на СЈО, особено по аболицијата на Заев и отфрлањето на „Пуч“, по начинот на екипирање преку нивните доскорашни јавни настапи во политички кампањи, па и по актуелното вмешување во политичките ситуации „на копче“ на Заев, влијанието на Обвинителството воопшто не е наивно. Главна поткрепа на државата пред предизвиците со отворените географски карти во центрите на моќ, во овој момент, е ВМРО-ДПМНЕ и секое нејзино зацврстување го проблематизира исполнувањето на замислената агенда. Јасно е дека и во следниот период ќе има обиди со хируршки зафати јавно да се дискредитираат ВМРО-ДПМНЕ и врвот на партијата преку СЈО за да се разнебити идејата за унитарна држава на македонскиот народ. Колку што веројатноста за успех на таа агенда ќе се намалува, а разрешницата на политичката криза наближува, толку ќе биде поголем и притисокот врз ВМРО-ДПМНЕ од таму. Досега, за сѐ што се фати СЈО, само уште повеќе ги потопи и СДСМ и „чадорите“ со географските карти.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 232. број на неделникот „Република“, 10.2.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.