| четврток, 6 декември 2018 |

Денови на кинески филм во Кинотека на Македонија

По повод Празникот на фенерите, со кој се означува крајот на двонеделното празнување на кинеските новогодишни празници. Институтот „Конфуциј“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје од 11 до 16 февруари организира Денови на кинескиот филм. По тој повод ќе се обрати кинескиот директор на Институтот, проф. д-р Денг Шиџонг. На отворањето осврт за значењето на современата кинеска кинематографија ќе даде младиот реномиран филмски режисер Саша Станишиќ.

Во рамки на ревијата во Кинотеката на Македонија ќе бидат прикажани пет репрезентативни филмови од современата кинеска кинематографија. Настанот се реализира во соработка со дистрибутерската куќа „КТ филм и медија“. Многумина Кина ја поврзуваат со древна цивилизација стара 5.000 години, замислуваат слики на дрвени предмети и скулптури, додека сликите од современа Кина се скриени и непознати. Филмовите го претставуваат токму неодоливиот и непосреден дух на современа Кина.

Филмската лента ќе почне да се одмотува во сабота (11 февруари) во 20 часот со проекција на документарниот филм кој е дел од серијата „Залак од Кина“, чијашто тема се природните состојки карактеристични за кинеската кујна, нивната историја и техниките на подготвување. Станува збор за епизодата под наслов „Залак од Кина: подарок од природата“ во која се зборува за ретката и скапоцена габа мацутаке, вкусниот и хранлив бамбус, природната сол, најомилениот зеленчук во Кина корен од  лотус и скромната скуша.
Деновите на кинескиот филм продолжуваат од понеделник (13 февруари) во 20 часот со проекција на играниот филм „Равенка за љубовта и за смртта“ во режија на Баопинг Цао. Во филмот се преплетуваат три различни љубовни приказни и се истражуваат различните емотивни судири што ги доживуваат луѓето кога минуваат низ болка и загуба. Воедно филмот ни покажува дека заборавот, можеби, е најтешкото нешто што може да се направи. Добитник е на наградата за најдобар режисер дебитант на фестивалот во Сан Себастијан.

По повод Денот на вљубените (14 февруари) од 20 часот ќе биде прикажан играниот филм „Двајца стануваат еден“ во режија на Вингченг Лоу.

В среда (15 февруари) во истиот термин ќе биде прикажан „Мобилен телефон“, филмот што ја истражува улогата на мобилните телефони во комплексните односи помеѓу мажите и жените во современа Кина, каде што брзиот развој на информатичката технологија има огромно влијание врз начините на кои луѓето комуницираат.

Деновите на кинескиот филм се заокружуваат со проекција на играниот филм „Љубовен миг“ на режисерот Гавин Лин в четврток (16 февруари) од 20 часот. Филмот ја прикажува случајната средба на двајца млади луѓе на едно патување на двајца млади луѓе и начинот на кој тие откриваат што значи љубовта.

Сите проекции се бесплатни.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top