Светот ја раситни последната година до 23. Зимски олимписки игри во Пјонгчанг. Јужнокорејците почнаа со одбројување на деновите до настанот што ќе почне на 9 февруари и ќе трае до 25 февруари во 2018 година и пред глобалната јавност го претставија факелот со кој ќе биде запален олимпискиот оган.
Дизајниран е да биде отпорен во секакви временски (не)прилики – од снег, преку дожд до силен ветар. Има вградено посебно црево што обезбедува дополнителен кислород за сигурност на пламенот и во услови на силен ветар. Внатре има и одводен отвор за спроведување на влагата на дно на факелот.
Факелот е висок 700 милиметри, бројка што симболично ја претставува надморската височина (700 метри) на која се наоѓа Пјонгчанг. Притоа беше промовирана и гардеробата во која ќе бидат облечени лицата што ќе имаат чест да трчаат со олимпискиот оган. И таа, како и факелот, ќе бидат во златно-бела комбинација.
Игрите во 2018 година ќе бидат втори на јужнокорејско тло по Летните во Сеул во 1988 година. Пјонгчанг, пак, е трет град на азискиот исток што ќе биде домаќин на зимска Олимпијада по јапонските Сапоро во 1972 година и Нагано во 1998 година.
Со 63 гласа „за“, Пјонгчанг ја доби кандидатурата на 6 јули во 2011 година на Конгресот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) во Дурбан, Јужна Африка. Во трка за ЗОИ 2018 беа и Минхен (25 гласа) и француски Анси (7 гласа). Јужнокорејскиот град ги загубите битките со Ванкувер за Олимпијадата во 2010 година и со Сочи за Игрите во 2014 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.