| четврток, 6 декември 2018 |

Арифи, Меџити и Бејта го убедуваат Ахмети прво да му даде потписи на Заев, па потоа да договараат влада

Најтесното раководство на ДУИ понеделникот требаше да расправа и да се позиционира за предлогот на СДСМ лидерот Зоран Заев прво да добие поддршка за нов мандатар, за потоа двете парти да ги почнат суштинските преговор за нова влада, дознаваме од преговарачките тимови

Потпретседателската тројка Теута Арифи, Изет Меџити и Невзат Бејта ќе треба да го убеди лидерот Али Ахмети, но и крилото на ДУИ наклонето за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, дека реформска влада е можна само со СДСМ, како што впрочем бил впечатокот по средбата со партиското раководство на социјалдемократите Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски и Рената Дескоска.
Без оглед какава ќе биде одлуката на најтесното раководство на ДУИ, за да има полн легитимитет, ќе треба да помине и на највисокиот партиски орган Централното претседателство. Токму во Претседателството се очекува да се кршат копјата меѓу двете крила во ДУИ. Потпретседателската тројка ќе треба да го убеди прво лидерот Ахмети, но и сопартијците дека треба да му дадат потписи на Заев, иако партискиот став изнесен од портпаролот Бујар Османи е дека ДУИ ќе донесе една одлука и за влада и за мандат. Со други зборови, тоа значи дека засега Заев не може да добие потпис од ДУИ само за да го добие мандатот, туку тоа ќе биде сторено тогаш кога ќе бидат договорени и условите за формирање влада, што од гледна точка на ДУИ подразбира СДСМ да ја профати албанската платформа договорена во Тирана, коментира „Дневник“.
Не се открива дали и какви гаранции на првата средба меѓу СДСМ и ДУИ испорачале социјалдемократите за Ахмети да му испорача десет пратенички потписи за мандатот на Заев. Дали станува збор за писмени гаранции на социјалдемократите за програмата на ДУИ и албанската платформа. Тоа што се открива е дека првата средба била на принципиелни основи и дека допрва ќе следат суштински преговори меѓу двете страни за владина коалиција.
Од ДУИ известуваат дека засега нема информации кога ќе заседава Централното претседателство. Оттаму велат дека Ахмети ќе го свика највисокиот партиски орган кога Заев ќе достави предлог за владина коалиција со СДСМ.
Движењето Беса и „Алијансата за Албанците“ иако веќе ги ветија своите потписи за мандат на Заев, вчера не одговараа дали по првата средба меѓу СДСМ и ДУИ имало средба или контакти со партијата на Ахмети како потписници на албанската платформа или средба со претставници на СДСМ.
Партискиот портпарол на СДСМ, Петре Шилегов информира дека по првата средба меѓу СДСМ и ДУИ во тек се внатрепартиски консултации.
Паралелно, додека течат преговорите меѓу СДСМ и ДУИ за евентуална владина коалиција, од партијата на Никола Груевски вчера повторно ги потсетија интегративците дека влада прават победничките партии од двата блока.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top