Меѓународната атлетска федерација (ИААФ) на состанокот во Монако одлучи да ја продолжи суспензијата за руските атлетичари, изречена поради системски допинг во кој била вклучена и државата. Според оваа одлука на ИААФ, Русите ќе го пропуштат и годинашното Светско првенство што ќе се одржи во август во Лондон.
Некои од руските атлетичари, сепак, ќе можат да се натпреваруваат како неутрални спортисти ако ги задоволат критериумите на тестирањата.
Русија беше суспендирана од сите меѓународни натпреварувања во ноември 2015 година после извештајот од Светската антидопинг агенција (ВАДА) за системски допинг. Поради суспензијата, атлетичарите од оваа земја не учествуваа ни на минатогодишните ОИ во Рио.
Претседателот на ИААФ, Себастија Коу, по состанокот во Монако, изјави дека укинувањето на суспензијата за Русија не треба да се очекува пред ноември.
На состанокот на ИААФ во Монако, исто така е одлучено да се „замрзне“ промената на државјанства на атлетичарите. Одлуката за забрана на трансфери е донесена по жалбите дека почнал да расте бројот на атлетичари кои менуваат државјанства и настапуваат за земји со кои претходно немале никаква врска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.