| четврток, 6 декември 2018 |

Фестивал на нов британски филм: Десет премиери на современи британски филмови за четири дена

„Скопската“ програма на фестивалот „PlayUK“ ќе се одвива во 2 кино сали. Отворањето е на 16 февруари (четврток) во кино Милениум, додека пак останатиот дел од програмата (од 17-19 февруари) е во кино Фросина (МКЦ). Билетите ќе бидат достапни во продажба од понеделник (6 февруари), по цена од 100 денари. Заинтересираните филмски љубители ќе имаат можност да набават билети за филмот „Т2 Трејнспотинг“ (отворање на фестивалот) на билетарницата на кино Милениум, а за сите останати филмови на билетарницата на МКЦ

Од денеска почнуваат да се продаваат билетите за Фестивалот на нов британски филм „PlayUK“, во организација на Британскиот совет и Младинскиот културен центар, кој ќе се одржи од 16 до 19 февруари и ќе ја собере филмската публика во Скопје, Белград, Подгорица, Призрен, Сараево и Тирана, премиерно прикажувајќи десет играни и документарни филмови од современата британска продукција. Продолжението „Т2 Трејнспотинг“, документарецот за британското музичко влијание „Човекот од Mo’Wax“, комедија за станувањето возрасен, „Вештините во животот на возрасните“, моќна драма, „Уна“, документарец за ширењето на џихадот во современиот свет, „Признание“, се само некои од интригантните наслови што ќе и ги претстават новите сили на британскиот филм на публиката низ регионот.

„Скопската“ програма на фестивалот „PlayUK“ ќе се одвива во 2 кино сали. Отворањето е на 16 февруари (четврток) во кино Милениум, додека пак останатиот дел од програмата (од 17-19 февруари) е во кино Фросина (МКЦ). Билетите ќе бидат достапни во продажба од понеделник (6 февруари), по цена од 100 денари. Заинтересираните филмски љубители ќе имаат можност да набават билети за филмот „Т2 Трејнспотинг“ (отворање на фестивалот) на билетарницата на кино Милениум, а за сите останати филмови на билетарницата на МКЦ.

Оригиналната актерска екипа на еден од највлијателните филмови од ’90-те се враќа на филмските платна. Продолжението на култниот филм со наслов „Т2 Трејнспотинг“ (T2 Trainspotting), ќе го отвори фестивалот на 16 февруари, истовремено во шест градови на Западен Балкан. Рентон (Иан Мекрегор), Сик Бој (Џони Ли Милер), Бегби (Роберт Карлајл) и Спад (Ивен Бремнер) се повторно тука, а животот во Шкотска во 2016 се чини дека не е многу сменет во споредба со пред 20 години. Во бруталната црна комедија се испреплетени тагата, загубата, радоста, одмаздата, омразата, другарството, љубовта, копнежот, стравот, каењето, самодеструктивноста, но исто така и смртната опасност…

trainspoting2

Режисерот Дерик Борте во филмот„Градот Лондон“ (London Town) го прикажува животот на работната класа во предградијата на Лондон во 1979. Семејствата едвај врзуваат крај со крај, а невработеноста секојдневно расте. 14-годишниот Шеј Бејкер расте брзо, додека целото семејство се бори да не потоне и да се одржи на површината. Откако добива касета со најновата музика од Лондон, звукот на групата „Клеш“ го плени со својата сирова енергија и го влече кон новиот свет.

Моќната драма „Уна“ (Una) е дебитантски филм на режисерот Бенедикт Ендрјус. Сниман според претставата „Кос“, на Дејвид Херовер, „Уна“ носи емотивна приказна за млада жена која тргнува на романтично патување во потрага по нејзиното минато. Со очајна желба да дознае дали се уште му значи нешто на Реј, Уна ќе се појави кај него на работа и го соочува со болното минато кое прогонува. Нивната средба по 15 години ќе отвори безбројни рани и нерешени дилеми, и ќе се појават потиснатите страст и копнеж. Слоевите лаги, забранетата љубов и неочекуваната средба се закануваат да ја сменат насоката на нивните животи. Настапуваат Руни Мара, Бен Менделсон и Риз Ахмед.

„Признание“ (The Confession) е првиот игран документарец на Ашишија Гадиалија. Филмот ја следи приказната на Мозам Бег, муслиман од Англија кој минал низ безбројни конфликти. Од обезбедување на поддршка на муџахедините, преку притворање во затворот Баграм во Авганистан и во Гвантанамо, бунтовничка обука во кампови во Сирија, до ќелиите на затворот Белмарш во Британија, Мозам Бег ни овозможува приказна од прва рака за ширењето на џихадот во денешниот свет и реакцијата на Западот.

Џастин (Бри Ларсон) организира состанок меѓу двајца Ирци (Силијан Марфи, Мајкл Смајли) и банда на чело со Вернон (Шарлто Копли) и Орд (Арми Хамер) во еден напуштен магацин во Бостон во ’70-те. На состанокот расте притисокот затоа што продаденото оружје е дефектно и неочекувано е испукан куршум…Тука следи борбата за опстанок во следниот час и половина на филмот „Слободна стрелба“ (Free Fire). Мартин Скорсезе и Ема Тилингер Коскоф се извршните продуценти на филмот, додека режисер е Бен Витли.

„Патувањето“ (The Journey) е драматична комедија инспирирана од големата точка на пресврт во британската и ирската историја. Филмот се фокусира на впечатливото пријателство меѓу двајца политички џинови и непомирливи непријатели Иан Пејсли (Тимоти Спол) и Мартин Мекгинис (Колм Мини) се приморани да патуваат заедно на некое време. Во текот на патувањето се појавува надеж дека можеби заколнатите непријатели можат да најдат заедничка основа која се работи за иднината на Северна Ирска.

Во летото 1983-та, неколку дена пред да се роди нивниот прв син, писателот и теолог Џон Хал ослепел. За одново да ја најде смислата на животот, тој започнал да води дневник на аудио касети. Ремек делото „Белешки за слепилото“ (Notes on Blindness) го истражува внатрешниот свет на слепилото, врз основа на оригиналните снимки на Џон Хал и прикажува „свет над видот“ вклучувајќи ги и соништата, сеќавањето и имагинарниот живот.

Во комедијата „Вештините во животот на возрасните“ (Adult Life Skills) станува збор за Ана, која се ближи кон 30-те и живее како испосник во градината на мајка ѝ снимајќи видеа во кои нејзините палците се актери. Универзалната приказна за самодовербата и гордоста ќе ги натера на смеа и најладнокрвните, но исто така ќе го постави и прашањето „Како некој да си го најде мирот во себе?“.

На списокот на “PlayUK” ќе биде документарниот филм „Човекот од Mo’Wax“ (The Man from Mo’Wax), кој го прикажува впечатливиот живот и кариера на диџеј иконата, музичкиот продуцент Џејмс Лавел. На филмот се појавуваат диџеј Шедоу, 3Д од Масив Атак, Футура, Иан Браун, Гранмастер Флеш и Џош Хоми.

Четиридневниот фестивал за новиот британски филм “PlayUK” исто така го носи и филмот „Најдоброто од нив“ (Their Finest), кој е хумористичен и романтичен поглед на една млада жена која го наоѓа нејзиниот пат во хаосот на војната, но исто така ги открива и филмовите. Хероината Кетрин (Гема Артертон) во Лондон во 1940, работи како сценарист и се обидува да ги организира актерите и филмската екипа за да снимаат филм кој треба да го крене духот на нацијата, но истовремено и да ја инспирира Америка да влезе во војната.

Филмовите кои ќе се прикажат за време на четирите дена во шест градови од регионот во рамките на фестивалот “PlayUK” ја слават човековата издржливост и способноста за изнаоѓање вистински одговори и решенија во тешки времиња.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top