Американскиот претседател Доналд Трамп објави на „Твитер“ дека на Министерството за внатрешна безбедност му наредил „мошне внимателно“ да ги проверува луѓето што влегуваат во САД.
„Му дадов инструкции на Министерството за внатрешна безбедност да ги проверува луѓето што влегуваат во нашата земја мошне внимателно. Судовите ја отежнуваат работата!“ напиша Трамп на налогот на „Твитер“.
Тој на „Твитер“ објави и порака во врска со федералниот судија за подрачјето на Сиетл, Џејмс Робарт, кој во петокот ја стопираше примената на указот и кого претседателот на САД вчера го нарече „т.н. судија“. „Едноставно, не можете да верувате дека судија би можел да ја доведе нашата земја во таква опасност. Доколку нешто се случи, обвинете го него и судскиот систем. Луѓето масовно пристигнуваат. Лошо!“ напиша Трамп во еден од трите твита, кои, очигледно, се однесуваат на Робарт.
Трамп судијата го обвини и дека САД ги отворил за „потенцијални терористи“ и „многу мошне лоши и опасни луѓе“, кои според него поради тоа се „многу среќни“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.