Македонскиот претставник во АБА-лигата, Карпош Соколи, во драматичен натпревар ја продолжи победничката низа во регионалното натпреварување од четири победи во низа. Во Скопје, падна и ФМП со 88-81, кој беше поразен по едно продолжение.
Соколите имаа водство од 15 поени пред последниот период, но поради катастрофална игра во последната четвртина се спасуваа. Херој беше американскиот кошаркар Кендрик Пери, кој постигна кош со звукот на сирената и на својот тим му донесе продолжение од пет минути во кои поуспешни беа избраниците на тренерот Николиќ
Предводени од расположените Лабовиќ, Вркиќ и Трајковски, кошаркарите на Карпош Соколи се одлепија двоцифрено по само три минути игра, кога на семафорот стоеше 12-3. Високата предност домаќинот ја задржа до крајот на првиот период (26-16), а ситуацијата не се промени и во средината на вториот период, кога во „ВИП-арената“ домаќинот имаше предност од 31-21. До полувремето предводени од Човиќ и Болден гостите успеаја да ја намалат негативата (40-32), а голем хендикеп пред финишот на првиот дел за „соколите“ беше повредата со која се здоби Зоран Вркиќ и ја намали ротацијата.
Третиот период „соколите“ го отворија со нова поентерска серија и ја вратија високата предност (51-38), а предноста од 13-те поени се задржа до финишот на четвртината, кога на семафорот стоеше 62-49. Предводени од Давидовац и Човиќ, но и разиграниот Остин кој почна да доминира под рекетите, ФМП на пет минути пред крајот се доближи на минус шест (67-61), а потоа и на 67-66 и откако поентираа во наредниот напад, за 67-68, гостите дојдоа до прво водство на мечот.
На две минути пред крајот гостите од Белград имаа минимално водство (70-71), а откако Зековиќ не успеа да даде тројка, на спротивната страна казни Лазаревиќ со поени за три и предност за ФМП од 70-74. Во финишот од мечот херој беше Кендрик Пери, кој најпрво погоди две слободни фрлања за 72-74, а потоа, даде и „двојка“ со звук на сирената, за конечни 74-74 и продолженија во СЦ „Борис Трајковски“,
Во додадните пет минути поуспешна беше екипата на Карпош Соколи, која успеа да слави со 13-6. Во победничката екипа најефикасен е Лабовиќ со 21 поен, а го следат Мавра со 18, Шепа со 12 и Кендрик Пери со 11 поени, додека кај ФМП најмногу се истакна Човиќ со 17 поени.
Покрај ФМП, во Скопје во низа паднаа и Будуќност, Цедевита, Мега Лекс, Крка, Морнар, Цибона и МЗТ Скопје. Со оваа победа опстанокот е се поблиску, а во наредното коло македонскиот тим гостува кај Будуќност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.