По две години од неговиот последен концерт, Владо Георгиев повторно се враќа во Македонија. Во Скопје дојде на неколку дена за да ги среди обврските пред настапот во спортската арена „Борис Трајковски“, каде што на 18 февруари ќе пее заедно со Тони Цетински.
Некогаш нескротливиот боем од Црна Гора, денес е оженет човек и татко на тримесечната Софија. Но, тоа не ја запира неговата работа, туку, како што ветува пејачот, веќе напролет ќе ѝ понуди нешто ново на публиката.
Дотогаш, се надева дека ниската температура ќе ги собере неговите обожаватели на концертот.
На што најмногу му се радувате во Скопје?
Георгиев: Кога и да дојдам во Скопје не сум под притисок, посебно со времето. Знам дека можам денес да си одам дома или утре или задутре…Имам многу добри пријатели, храната е одлична, луѓето весели. Сѐ е супер и затоа многу сакам да доаѓам овде.
Само што дојдовте и на „Твитер“ се фотографиравте со, како што велите, Вашата омилена Триумфална капија…
Георгиев: Да! Една од најубавите триумфални капии е оваа во Скопје.
Меѓу коментарите имаше и еден во кој еден од Вашите следбеници Ви раскажува дека неговите мајка и татко се запознале во Скопје и дека токму тука е роден неговиот брат. Ви се случува ли често луѓето да Ви се исповедуваат, да Ви се отворат од нигде-никаде?
Георгиев: Па, да. Луѓето имаат потреба да си кажат што ги чеша, што сакаат да си кажат. А, „Твитер“ е вистинското место за тоа.
Пред две години имавте голем концерт сам, но што да очекуваме овој пат од Вашата комбинација со Тони Цетински?
Георгиев: Се надевам – добар концерт. Тоа очекуваме, тоа и го најавивме и ништо друго.
Веројатно ќе изведете и нешто заедно…
Георгиев: Баш деновиве се договараме и го составуваме репертоарот. Мислам дека ќе се сретнеме кратко пред концертот и ќе направиме нешто интересно.
Работите на нешто ново, авторско?
Георгиев: Работам во студио на две-три нови песни. Веројатно ќе пуштам прво една, па потоа и другите и се надевам дека ќе завршам до пролет.
Дали зимата е најдобро време да се дојде на Ваш концерт?
Георгиев: Па, во лето луѓето можат да одат на сто страни. А, кога ќе дојдам во зима, луѓето немаат што да прават, па доаѓаат на мојот концерт (се смее). Важно е само да дојдете добро расположени и во добро друштво
Запознаени сте со забраната на ЗАМП во Македонија? Таа забрана се однесува и на Вашата музика. Кој е Вашиот став за ова?
Георгиев: Каква врска имам јас со тоа? Не забранив јас. Не разбирам, навистина, зошто го прават тоа, но јас ништо не можам да променам. Си имаат луѓето интернет, па нека слушаат таму, може да купат и цеде… Што да правам?
Како Ви се промени животот откако сте татко?
Георгиев: Не многу, морам да си признам. Единствено, бебето некогаш порано се буди, јас подоцна сум легнал и подоцна станувам, па ми е малку стрес ако ме разбуди во шест часот наутро.
Ве фаќа ли страв што е женско?
Георгиев: Баш сакам што имам ќерка. Засега не стравувам, но, веројатно, со времето ќе станам луд татко, кој сѐ следи.
Би ја оставиле ли и Софија да влезе во музичкиот бизнис?
Георгиев: Зошто да не, но никогаш не би ја терал да прави нешто против своја волја. Луѓето мораат сами да се пронајдат и да го работат тоа што чувствуваат дека им лежи и што сакат да го работат. Не значи дека ако таткото е фудбалер, дека и синот мора да биде тоа.
Следите ли политика?
Георгиев: Само колку што морам, колку да бидам во тек. Избегнувам да следам дневна политика и сите политички манипулации на цел Балкан.
Повеќе мислев на светската политика, Трамп, Путин, Меркел…
Георгиев: Е, тоа, да. Сметам дека секоја промена е добредојдена, во принцип. Јас, навистина, не бев љубител на династијата Клинтон, па кој било друг да дојдеше, јас тоа би го поздравил. Во секој случај, помило ми е што дојде Трамп, отколку таа да победеше. А, ако ме прашате за оваа наша дневна балканска политика, тоа, навистина, не ме интересира затоа што, едноставно, е извртена и манипулативна и сѐ што не треба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
„Македонска вокална музика“ – концерт на вокални солисти во Штип
-
Концертот „Souvenir de Florence“ в сабота во Македонската филхармонија
-
Пијанистот Дино Имери со концерт го прославува 10-годишниот јубилеј