| четврток, 6 декември 2018 |

Tрамп ќе го разгледува „глупавиот договор“ за примање на мигранти

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека ќе изврши ревизија на „глупавиот договор“ за прием на повеќе стотици азиланти од Австралија.

Американскиот дневен весник „Вашингтон пост“ пишува дека Трамп имал „гневен“ разговор со австралискиот премиер Малколм Тарнбул, што бил грубо прекинат.

Тарнбул изјави дека во разговорот со Трамп бил искрен и љубезен, но не сакаше да соопшти други детали „од приватната конверзација“.

„Вашингтон тајмс“ наведува дека Трамп разговорот со Тарнбул го опишал како „најлошиот досега“ што го имал со некој од светските лидери.

Договорот со Австралија за кој Трамп зборува беше постигнат минатата година со администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама.

„Дали верувате? Администрацијата на Обама се согласила дека ќе прими повеќе илјади илегални имигранти од Австралија. Зошто? Ќе го разгледам овој глупав договор“, наведе Трамп на Твитер.

Вашингтон, во рамки на договорот, се согласил да прими до 1.250 азиланти, кои се наоѓаат во центрите на пацифичките острови во Папуа Нова Гвинеја и Науру. За возврат Австралија ќе прими бегелци од Салвадор, Гватемала и Хондурас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top