Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент (ЕП), попладнево во Брисел го имаше првото разгледување на Предлог-Резолуција на ЕП за Република Македонија во однос на прогрес-извештајот на Европската комисија за 2016 година, што го подготви известувачот од Словенија, Иво Вајгл.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, овој извештај покрај препорака за отворање преговори за членство на Македонија во ЕУ, содржи и предлог на известувачот за подиректно вклучување на институциите на ЕУ во преговорите за решавање на разликите за името со Грција, со цел ставање крај на долготрајната блокада од Грците поради која македонската држава не може да напредува во евроатлантските интеграции.
При претставувањето на Предлог-Резолуцијата, Вајгл посочи дека прашањето за името е клучно со години за Македонија и побара да се дозволи земјата да напредува на патот кон евроинтеграицјата за да не остане во чекалната.
– Пред неколку години, за Македонија сите рековме дека е најдобра од сите држави-кандидати, дека најдобро ги исполнува условите од европското законодавство, но дека тоа е недоволно за да се покренат преговорите за членство. ЕК а и ние како Парламент, преземавме обврска според оценките за спроведените избори на 11 декември 2016 година, кои беа демократски, да обезбедиме почеток на пристапните преговори, истакна известувачот за Македонија.
Словенецот посочи дека во моментов Македонија се уште нема нова Влада и дека изгледа дека нејзино формирање ќе биде сложен процес. Според него, најверојатната опција во моментов, а тоа се нови избори, се најмалку прифатливи и симаптични за стабилноста и иднината на Македонија. Вајгл вели дека тоа би значело продолжување на кризата во државата, за чие решавање и ЕК и ЕП вложија голем труд, па според него, најважно е сите партии да дадат предност на интересите на државата пред партиските интереси.
Во извештајот, Вајгл истакна дека Македонија е пофалена за помошта при решавањето на бегалската криза, доприносот за стабилноста во соседството и помагање во мировните мисии, како и усогласеност со надворешната политика на ЕУ. Но, тој рече дека има забелешки за користење на јазик на омраза, проблеми во сферата на медиумите, заштита на малцинствата и спроведување на Охридскиот рамковен договор.
– На Македонија и треба нашата поддршка за напредок, што ќе обезбеди посилен регион и Европа во целост. Затоа, на Македонија и треба и признавање и почеток на преговорите, рече Вајгл, кој го употребуваше уставното име на македонската држава.
Во извештајот, додаде Вајгл, стои дека почетокот на преговорите за членство не може да биде условен со конечно решавање на билатералните прашања. Побара, како што е наведено и во предлог-Резолуцијата, ЕК да се ангажира непосредно во решавање на отвореното прашање со името, а во соработка со ОН и другите релевантни фактори што можат да придонесат овој проблем да заврши.
Во дебатата дел од европратениците искажаа силна поддршка на идното македонско членство во Унијата, но беа изнесени и стандардни забелешки од страна на грчките европратеници за употреба на уставното име „Македонија“.
Алојз Петерле, претседател на Мешовитиот комитет на ЕП и македонското Собрание, посочи дека Македонија, како земја-кандидат остварила релативен напредок во евроинтеграциите и ги исполнила обврските од договорот од Пржино. Според Петерле, во моментов постои напната внатрешно-политичка состојба и поради уставната несигурност за тоа кој по неуспешниот обид со првиот мандат, сега ќе превземе да составува Влада.
-Во наш и македонски интерес е по доброизведените избори, државата да добие Влада што ќе може да делува со ЕП и во односите со ЕУ. Во оваа заплеткана состојба, а по долготрајната блокада, можеме да речеме дека навистина можеме да се радуваме дека на државата и се отвора можност за одобрување на почеток на преговорите ако ги исполни сите услови. Сега е на самата држава да ги исполни тие услови и е во интерес не само на регионот, туку и на целата ЕУ да престане внатрешната и надворешна блокада, истакна Петерле.
Естонецот Туне Келам од владејачката Европска народна партија (ЕПП), пак, рече дека комплицираната ситуација во Македонија бара и дополнителен импут од ЕУ. Сепак, освен обврски на Македонија, тој рече дека и ЕУ треба да се обврзе да исполни услови, преку соработка со македонската Влада.
– Мора да знаеме дека билатералните односи со држави во регионот не треба да спречат да се одвиваат преговорите за членство. Постоеја многу ситуации што имаа негативен учинок на преговорите, а потребни се и напори за национално помирување, рече Келам.
Поранешниот хрватски министер за надворешни работи и европратеник од редовите на социјалдемократите, Тонино Пицула, рече дека Македонија е оптеретена со длабоки внатрешни поделби. Според него, високиот одѕив на изборите покажал доверба за реформска агенда и побара понатамошна работа на СЈО, но и на редовните судови.
Гркинката Софија Сакорафа од редовите на европските либерали, побара Резолуцијата да го нагласи негативниот аспект од настаните во Македонија. Таа рече дека во земјата нема политичка волја за борба против корупцијата и дека дури и медумите и невладините организции се вклучени во некои проблематични состојби. Сакорафа истакна дека Македонија во целост не ги исполнува Копенхашките критериуми и го укори известувачот Вајгл дека во Предлог-Резолуцијата ги навел само позитивните работи.
– Позицијата наградување на земјите од овој тип не е добра и нема да функционира. БЈРМ сака да го надвладее јазот од проблеми, но постои состојба што ќе се влоши ако не се решат проблемите. Клучно е прашањето дали БЈРМ сака напредок, а јас мислам дека не сака, рече Сакорафа.
Унгарецот Тамаш Месериш од редовите на партијата на „Зелените“, исто така рече дека неговата политичка опција „верува дека билатералните проблеми не треба да претставуваат проблем за отворање на преговорите за членство во ЕУ“. Според него, најдобар начин за решавање на истите е во рамки на меѓународните органи за арбитража.
Кристијан Дан Преда од ЕПП истакна дека политичката состојба во Македонија е лоша, дека постои зголемена политизација присутна во земјата и дека тоа покажува и укажува на проблемтие што ги блокираат реформите. Според него, во тој контекст е важно да се врати ЕУ на овозможување почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ и соработка со македонската Влада.
Германецот Кнут Фленкенштајн од таборот на социјалдемократите, укажа дека за ЕП не треба да е важно кој ќе биде на власт во Македонија, се додека постои јасно мнозинство зад таа личност.
-Дали тоа ќе бидат конзервативците плус албанските партии или социјалдемократите со албанските партии, важно е да има стабилна Влада што ќе се врати на европскиот пат и ќе ги спроведе зацртаните реформи од договорот од Пржино и нема да оди против политиката на СЈО, порача Фленкенштајн.
Гркот Деметрис Пападакис се повика на претходните коментари на новозибраниот претседател на ЕП Антонио Тајани, кој го нарече Александар Македонија Македонец, за што потоа им се извини на Грците и го нарече Грк. Во тој поглед, тој побара ЕП да ја условува Македонија со референцата „БЈРМ“ и да ја осуди што ги затворила границите за бегалците и што тие морале да се вратат во Грција.
Неговиот сонародник Манолис Кефалијанис ги потенцираше сите точки од Предлог-Резолуцијата во кои е напишано „Македонија“ или се употребува придавката „македонски“ и побара тие да се отстранат. Тоа го посочи и Јоргос Епитидејос од редовите на неофашистичката „Златна Зора“, кој додаде дека прашањето за името „не е само спор меѓу двете земји, туку посериозно меѓународно прашање“.
На грчките европратеници сериозно им реплицираше Германецот Михаел Галер од Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел.
– Јас сум во ЕП од 1999 година и кога станува збор за прашањето за Македонија, секогаш го говориме истото. Грција има ставено вето на почетокот на преговорите и сите грчки колеги-европратеници од сите партии имаат исто мислење и тоа е што не можеме да го преовладаме. Сите во Европа говориме за Македонија. Тоа е така и не се обидувајте да не убедите поинаку. Во медиумите и воопшто насекаде се говори за Македонија и вие мора да знаете дека сте изолирани во вашето вето. Во оваа ситуација сме веќе 25 години и најверојатно уште толку ќе бидеме, но жал ми е за луѓето, народот на Македонија, кој треба да ни е пред се, а не некаква митологија, распали германскиот европратеник.
На крајот, претставник на ЕК заклучи дека Предлог-Резолуцијата е според заклучоците на извештајот на ЕК и изрази загриженост од можноста за враќање на несигурна состојба во Македонија. Парламентарните избори, според ЕК, се клучен дел од договорот за ставање крај на политичката криза, но оти тоа е само почеток и дека сега е потребно формирање стабилна Влада која ќе работи заедно со опозицијата, а се што е загубено да се надокнади.
-Ние очекуваме да се спроведат Итните реформски приоритети и СЈО да добие време и ресурси да ја заврши важната работа. ЕК и понатаму ќе дава политичка потпора за да се најде меѓусебно решение за разликите околу името, ако тоа го побараат и двете страни. Ќе го следиме развојот, ќе и помагаме на земјата и ќе го известуваме ЕП, истакна претставникот на ЕК.
На крајот во оваа прва расправа, известувачот Вајгл заклучи дека „прашањето за името не смее да трае предолго“, па затоа побара ЕУ да се вклучи повеќе, бидејќи според него не можат само ОН. -Тие се далеку, а Македонија е блиску до европската реалност и понатамошно развлекување може да доведе да платиме цена за нестабилноста на една од нашите европски држави, рече Вајгл.
А, за приговорите на грчките европратеници околу употребата на уставното име „Македонија“ во извештајот за нашата земја, Вајгл рече дека ќе ја земе предвид загриженоста на Грците, но порача дека „едноставно не може поинаку, отколку да се каже дека мнозинството присутни држави ја прифаќаат оваа држава како земја која се нарекува Македонија“.
– Не дека со тоа предизвикуваме некого, туку, едноставно животот не носи кон такво решение, заклучи Вајгл.
Крајниот рок за поднесување на амандмани е 7 феваруари во 18:00 часот. Се очекува за Македонија повторно да има голем број амандмани од бугарско-грчкото крило европратеници. Второто разгледување на Предлог-Резолуцијата за македонската држава пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) е планирано да се одржи на 27 февруари, а ден подоцна и да се гласа за неа.
Главната дебата и гласање за Резолуцијата на ЕП за Македонија е планирнао да се одржи на пленарна седница на законодавниот дом на ЕУ што на 14 и 15 март ќе се одржи во Стразбур.
Резолуциите на ЕП за земјите-кандидати за членство во ЕУ се однесуваат на прогрес-извештајот што ЕК го издава секоја година, но она што ќе го донесе како заклучок ЕП нема никаква правна тежина и истото е само советодавно. Исто како и ЕК и ЕП досега осумпати по ред даваше позитивни препораки за стартување на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст