| четврток, 6 декември 2018 |

Трамп обвинет за селективност: Забраната не важи за муслиманските земји во кои има бизниси

Со наредбата на американскиот претседател Доналд Трамп за забрана за влез во САД на државјаните на седум муслимански земји, не се опфатени држави кои би можеле да претставуваат опасност од терористички аспект, но во кои тој има свои бизниси, објави лондонскиот весник „Индепендент“.

– Седумте доминантно муслимански земји на чии државјани им е забранет влез (во САД), имаат една клучна заедничка работа – тие не се меѓу државите во кои работат тајкуните, истакнува весникот.

Со извршната наредба на Трамп се забранува издавање американски влезни визи за државјаните на Ирак, Иран, Јемен, Либија, Судан и Сомалија за рок од 90 дена и за граѓаните на Сирија на неопределен период. Според Вашингтон, цел на ваквата одлука е да се намали заканата од радикалните ислмистички терористи.

Според „Индепендент“, извори на ваква закана би можеле да претставуваат и богатите муслимански земји во кои корпорациите на Трамп имаат бизнис интереси, како Саудиска Арабија, Либан, Турција, Обединетите Арапски Емирати, Египет и Индонезија, но тие не се најдоа на „црната листа“ на САД.

– По се изгледа дека бизнисот си тече по воспоставената практика кога се во прашање Трамп и Судијците, наведува лондонскиот весник, потенцирајќи дека американскиот претседател вчера телефонски разговарал со саудискиот крал, додека во исто време се одржуваа протести против забраната на кои учествуваа стотици илјади лица.

„Индепендент“ додава дека во указот на Трамп не се споменува Турција, иако земјата неодамна беше цел на неколку терористички напади, а Стејт Департментот минатата недела издаде предупредување до американските државјани во оваа земја да бидат внимателни поради „пораст на антимариканската реторика која може да инспирира поединци да извршат напади врз граѓани на САД“,

muslim-ban-protest

Трамп има неколку бизнис интереси во Турција, вклучувајќи и ланец салони за мебел и две луксузни станбени кули, од кои има заработка од шест милиони фунти годишно, додава весникот.

Со забраната не е опфатен уште еден сојузник на САД, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), каде Трамп поседува луксузни вили, спа центри и голф терени. Со забраната исто така не е опфатена ниту Индонезија, каде Трамп гради два луксузни хотелски комплекси во партнерство со локални компании, истакнува лондонскиот весник.

– Трамп изјави дека цел на неговата извршна наредба е да се спречат терористи да влезат во САД, но ниту еден од извршителите на нападите на американска територија во последниве четири децении не потекнува од некоја од овие седум релативно сиромашни земји, на чии граѓани им е забранет влез, додава „Индепендент“.

Весникот потсетува дека ниту еден од 19-те извршители на нападите на 11 септември 2001 година не потелнува од некоја од седумте санкционирани земји, но дека 15 од нив биле државјани на Саудиска Арабија, а останатите на ОАЕ, Либан и Египет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top