| четврток, 6 декември 2018 |

Месната индустрија бара укинување на увозните давачки

meso

-Да се укинат царината и прелевманот за замрзнатото свинско месо кое домашните компании го користат како суровина за преработка, односно за производство на месни преработки- бара Групацијата за производство на месо и преработки од месо.

Како што изјави денеска Васко Ристовски од Стопанската комора изнесувајќи ги заклучоците од последниот состанок на Групацијата, од 1 јануари 2017 е укината царината за увоз на замрзнато свинско месо во соседството и тамошните преработувачи плаќаат само девет отсто за увоз на оваа суровина.

-Кај нас, преработувачите по овој или оној основ се оптоварени со 19 до 35 проценти при узвоз на истата суровина. Оттука, не само што не се конкурентни, туку се отвора можност и за дополнителен зголемен увоз на преработки пред се од соседството- истакна Ристовски.

Според него, за 11 месеци во 2016 година увозот на месни преработки се изедначил со целокупниот увоз во 2015 година. ­

-Ако се земат предвид бројките за декември, кога увозот е најголем, 2016 година ќе покаже зголемен увоз на месо и месни преработки- додаде Ристовски.

Во соседството, производство на свинско месо е зголемено за преку 50 отсто, од два милиона на 3,2 милиона. ­ Со тоа се усложнува и ситуацијата кај нас.

-Инаку, факт е дека пазарот е преплавен и од свежо свинско месо и од преработки. Домашните преработувачи плаќаат екстра давачки, а готовите увезени производи влегуваат во Македонија со нула отсто царина согласно ЦЕФТА договорите. И производителите на месни преработки и оние на свинско месо се ставени во незавидна позиција. По основ на прелевман за замрзнато свинско месо во државната каса се влеваат околу три милиони евра. Домашните праработувачи сметаат дека ако барем на одредено време оваа мерка се укине по основ на извоз, овие средства ќе се анулираат- рече Ристовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top