Бранислав Саркањац е филозоф, професор, социо-политички аналитичар и колумнист. Роден во Скопје каде што ги завршил сите степени на своето образование. Во 1987 година истражува во Лондон, во Британската библиотека, а во 1989 година е во Лајпциг каде што најмногу работи во Германската национална библиотека. Бранислав Саркањац, заедно со Небојша Вилиќ и со Бојан Иванов се јавува како еден од иницијаторите и основачите на интелектуалната групација „359 степени – Мрежа за локални и за субалтерни херменевтики“, чијашто основна цел е „пренасочување на императивните дискурси на Исток-Запад кон локалната сцена и нејзината локална прагматика“, како и „промоција на локалните и на сопствените ресурси и нивно поставување“, кои не се во функција на „западните интерпретативни методологии“.
Денес Саркањац е редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје каде што ги предава предметите филозофија на политиката, социологија на медицина, социологија на здравјето и на болеста и современи теории на управување. Автор е на многубројни дела од областа на филозофијата, но има и преведено многу значајни автори. Со него разговаравме за една актуелна тема – програмата за финансирање проекти од национален интерес.
Во изминатиов период се подигнаа тензиите меѓу, условно речено, задоволните и незадоволните фактори во македонската култура. Тоа е вообичаено во периодот на објавувањето на годишната програма за финансирање проекти од национален интерес, па не изостана и оваа година. Кажете ни како ја оценувате годишната програма на Министерството за култура оваа година?
Саркањац: Ако си конкурирал и си одбиен, нормално, ќе бидеш незадоволен. И мене ми се случило Министерството за култура да не ми одобри средства за издавање книга. Но, заради јавноста и почит кон членовите на комисиите треба да се биде објективен. Треба да се внимава од еден, двајца, па и десетина нека бидат, незадоволни да не се генерализира и преку медиумите да се претставува погрешна слика. За мене е важно, да речеме, дали меѓу тие што ги добиле проектите има еднаквост меѓу мажите и жените, дали се застапени уметници и културни работници и од помалите градови во Македонија; дали има проекти што се во функција на зацврстување на националниот идентитет. И мислам дека има рамнотежа. Може да се види дека има многу проекти од Штип, Охрид, Делчево, Тетово, Дебар. Мислам дека и етничките заедници се правично застапени, што е многу битно. Лично го поздравувам одобрувањето на проектот „Досие ’Музеј на современата уметност‘“, Борис Петковски од НУ Музеј на современата уметност – Скопје. За мене Музејот на современата уметност во Скопје е многу важна приказна за македонската историја и идентитетот и таа треба да се вреднува, како и улогата на професорот Борис Петковски во создавањето и заживувањето на оваа важна национална институција.
Сметате ли дека во програмата се застапени автори од сите генерации, што е основна претпоставка за урамнотежен развој во оваа сфера?
Саркањац: На ова прашање не можам да ви одговорам најпрецизно. Ниту сум бил член на некоја од комисиите, ниту ги познавам луѓето, чиишто проекти се одобрени. Но, сигурен сум дека се води сметка за ова. Најдобро ќе ви одговорат од Министерството. Но, сепак, можам да го кажам мојот став. Треба особено да се води сметка за најмладите автори и да се негува нивниот креативен потенцијал. И претпоставувам дека ним потешко има паѓа одбивањето. Има креативни деца и млади во Македонија на кои по секоја цена треба да им се помогне. А не успеваме секогаш да ги препознаеме и правовремено да ги поттикнеме. Се надевам дека во Министерството за култура има разбирање за оваа последна генерација „миленијалци”.
Конкурсот за странски издавачи за превод на дела од македонски автори како стимулативнa меркa, реално, ја постигнува ли својата цел?
Саркањац: Интересот за овој проект кој вклучува странски издавачи за превод на дела од македонски автори, е голем. Мислам дека веќе има стотина дела преведени од македонски јазик. Меѓутоа, сѐ уште е рано да се зборува за постигнување на целта. Сега може да се каже дека целта е повеќе од оправдана и дека ќе треба десетици години за да ги видиме очекуваните резултати. Меѓу другото, Македонија да не ја нарекуваат тивката нација затоа што релативно малку може да се најдат преводи на македонски автори во светот и малкумина во светот разбираат македонски. Уште во1985 година во Лондон наоѓав книги со наслови „The Greatest Bulgarians” и слично, во кои се пишува за Гоце Делчев, Даме Груев. И денес не можеме да им парираме на соседите на овој план. А треба да се работи на ова, секако. Кога пред повеќе години на Бранка Магаш, британска историчарка со хрватско потекло, ѝ пратив комплет студии за историјата на Македонија од наши историчари, таа беше многу благодарна. И на неколку пати во британските медиуми застануваше на страна на Македонија во врска со непризнавањето на уставното име. Госпоѓа Магаш разбираше македонски. Може само да претпоставиме колку историчари има во светот што се интересираат за Македонија, но не знаат македонски. Затоа уште повеќе треба да се стимулираат преводи на странски јазици. Пред сѐ, од историјата, историјата на уметноста и од археологијата. Барем јас така гледам на работите.
Како човек што долго време е дел од македонската културна сцена, запознаени сте со состојбите во културата во земјите во опкружувањето каде што се забележливи два исклучително интересни параметра: дека буџетските зафаќања за културата кај нас се значителни и вториот дека во ниту една од земјите во опкружувањето не се поддржуваат приватните издавачи, електронските изданија и издавањето списанија како што е случајот кај нас. Како гледате на ова? Кој би бил Вашиот став?
Саркањац: Буџетот на Министерството за култура за 2017 година изнесува четири милијарди денари и во споредба со Буџетот за 2016 година, кога изнесуваше малку повеќе од 3,5 милијарди денари, е поголем за 15 проценти. Тоа е многу повеќе од порастот на БНП на Република Македонија. Да направиме споредба со Република Србија. Читателите, претпоставувам, најмногу информации сѐ уште имаат за Србија и Белград. Многу повеќе знаеме за нашиот северен сосед, отколку за другите земји на Балканот.
За 2017 година Република Србија ќе издвои околу 8 милијарди и 200 милиони динари, значи околу 65 милиони евра. Република Србија има малку повеќе од седум милиони жители. Тоа е 3,5 пати повеќе од Македонија. А горе-долу и ние и Србите вложуваме речиси иста сума пари – 65 милиони евра. Но, по човек, Република Македонија издвојува 3,5 пати повеќе за култура. Тоа е за честитање.
Но, пак некој може да каже дека и ова е релативно. Да, треба да се знаат и некои поконкретни работи. Во Србија многу од парите за култура одат за обнова и за опрема на музеите. Многу повеќе средства во однос на 2016 година Србите ќе издвојат за меѓународната соработка. Па тука и е Нови Сад, кој во 2021 година ќе биде европска престолнина на културата. Голем дел од средствата ќе треба да се насочат кон Нови Сад. Како учесник во иницијативата „Скопје европска престолнина на културата” за 2027 година знам колку е важно да се помага со пари во сите години на подготовка во процесот. Сето ова настрана, во Србија за уметнички здруженија има, како што самите велат, скромни 33 милиони динари. Само уште една споредба. Република Србија дава малку повеќе од 0,7 проценти за култура, Република Македонија, речиси два процента. Околу трипати повеќе.
Од кој агол да погледнеш, буџетот за култура на Република Македонија е поголем во однос на тој на Република Србија.
Во врска со поддржувањето на приватните издавачи, ситуацијата со Македонија е поделикатна. Културниот пазар е помал. Книга на српски јазик ќе ја најдете во градовите низ целиот Балкан и во книжарниците во Скопје. И на албански јазик културниот пазар е поголем. Книга може да издадете во Скопје, Приштина, Тирана. Во три држави. И може да ја пласирате во уште толку. На македонски јазик, малку да искарикирам, можеш да најдеш книга само во Скопје од цела Македонија. Во малите гратчиња нема некоја силна економска оправданост да отвориш книжарница. Каде што не може пазарот, таму треба државата. Република Македонија мора да дава многу повеќе средства за култура од земјите во соседството. И тоа се прави со години. Објаснувањето е просто. Мала земја, мал пазар. Затоа треба да им се помага и на приватните издавачи. Најголемата помош кај нас доаѓа од државата, многу помалку од локалните заедници или од бизнис-секторот. Ова e обврска и одговорност што ги има државата преку Министерството за култура. Но тоа не значи дека носи златни јајца. И дека тоа е единствената врата на која може да чукне уметникот во Македонија.
Разговараше: Невена Поповска
Фото: Александар Ивановски
(Текст објавен во 230. број на неделникот „Република“, 27.1.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст