Норвешка е вториот финалист на ракометниот мундијал во Франција откако селекцијата што ја елиминираше Македонија вечерва славеше над Хрватска со 28-25. Во меч за кој уште долго ќе се говори Хрватска беше на чекор до победата, водеше до самиот финиш, а потоа и доби пенал со звукот на сирената. Сепак, избраниците на Бабиќ потклекнаа во клучниот момент, Хорват не успеа да го совлада Бергеруд, па Норвешка по дополнителните десет минути стигна до билет за финалето, каде ќе се сретне со домаќинот Франција.
Натпреварот започна со одлични одбрани на голманите и цврста одбрана на двете страни. По првите десет минути беа постигнаи само четири гола, а Норвешка преку Мирол го постигна првиот погодок дури во осмата минута.
Хрватска искусно ја спречи брзата игра на Норвежаните, кои беа безидејни во нападот, а Стевановиќ застана на нивниот пат и по ударите од седум метри. Сепак, следуваше криза во нападот на хрватската репрезентација, што беше максимално искористена од противникот, кој стигна до првото израмнување (7-7) во 18. минута.
Бабиќ повика тајм-аут за да го сопре налетот на осоколените Норвежани, кои во наредниот период со серијата од 8-2 стигнаа до највисока предност од +3 (11-8). Најдобриот стрелец Бјорнсен и Хансен ја носеа својата екипа во текот на цело прво полувреме, кое го добија со 12-10.
Свесен за проблемите во нападот со кои се соочи во првиот дел, хрватскиот селектор Жељко Бабиќ во вториот дел тргна похрабро, со „седум на шест“ успевајќи полесно да дојде до чисти позиции за шут. Тоа придонесе не само „коцкестите“ експресно да израмнат на 12-12, туку и да го свртат резултатот во своја полза. Хрватска имаше предност од 18-16 и напад, но повторно на половина од полувремето дојде до пад кај оваа селекција и нов фуриозен период на Норвешка. „Коцкестите“ неполни седум минути беа без постигнaт гол, па скандинавската селекција го искористи тоа за да поведе со 18-19, пред Муса конечно да го совлада Бергеруд на асистенција на Циндриќ.
При водство на Хрватска од 21-20 исклучен беше Степанчиќ, но Пешиќ олично го запре ударот на О’Саливен, пред Контрец да погоди за 22-20. И при водство од 22-21 по враќањето на Степанчиќ Хрватите продолжија со напад „седум на шест“, но и со играч повеќе немаа идеја. Сагосен, кој го одигра ова полуфинале под својот просек, наивно загуби топка, па во последните две минути се влезе со водство на „коцкестите“ од еден гол (22-21). Хрватска пак не реализираше напа, но затоа на спротивната страна прецизен беше Сагосен, кој под ногата на Пешиќ ја смести топката во мрежата на противникот. „Коцкестите“ искусно го истрошија времето до самиот крај, а во последната акција Дувњак одлично го проигра Муса, чиј удар беше одбранет, но судиите Хорачек и Новотни при самиот истек на времето досудија пенал за Хрватска. Хорват ја презеде одговорноста, но Бергеруд го запре неговиот удар, па вториот финалист на овој мундијал беше решен преку дополнителни десет минути игра.
Во екстра времето Мамиќ донесе +1 по 80 секунди игра, a Хорват веднаш погоди од крилна позиција за 24-22 во 63. минута. Тонесен реализира седмерец за 24-23 на една и пол минута до крајот. Хрватите погрешија и Јондал на 20 секунди до крајот на првото продолжение израмни на 24-24. Норвешка поведе на почетокот од второто продолжение со голот на Мирхол од позиција на кружен напаѓач (24-25), но Муса брзо реплицираше (25-25). „Бомбата“ на Танге пак ја врати норвешката предност на три минути до крајот (25-26). Степанчиќ беше исклучен, а Тонесен на 60 секунди погоди за недостижни +2. Мирхол ја потврди победата од 25-28 за прво историско финале за Норвежаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Париз во пламен! Протестите прераснаа во улична војна, наскоро ќе биде воведена вондредна состојба?
-
Војна на улиците на Париз: Нема револуцијата без насилство (фото+видео)
-
„Киненова“: Ексклузивна програма „Фокус на Норвешка“ во Кинотека на Македонија
-
Мигрантите го пробија кордонот во БиХ и се упатија кон хрватската граница (видео)