Наместо да чекаат редови на билетарниците, граѓаните ќе може да ги надополнуваат електронските картички и од дома преку интернет, најави директорот на ЈСП, Игор Јанушев како дел од новините со кои би се отстраниле недостатоците во електронската наплата во автобусите.
– Се работи на системот чија изработка е при крај, а овој систем ќе дава и преглед во однос на тоа колку средства имате оставено и како сте ги користеле, рече Јанушев. Додаде дека од 1 февруари нема да има зголемување на цените и нов тарифен систем.
Освен оваа новина Јанушев најави и дека ќе се отстрани активацијата на услугата за плаќање со мобилен, а ќе се отворат и нови продажни места. Плаќањето со мобилен е во пораст. Напомена дека во 2016 имало 3.030 успешни трансакции, а во првите 25 дена од јануари има околу 2.000 трансакции.
– Имаме значителна бројка на неуспешни трансакции, односно кога корисникот пробал да плати со мобилен, а претходно не ја активирал услугата. За да им излеземе во пресрет на граѓаните и бидејќи увидовме дека ова е проблем, веќе постигнавме договор со фирмата која го одржува системот да се тргне активацијата на услугата и корисникот да може да плати само со повикување на телефонскиот број 185, рече Јанушев.
Најави дека ВИП и Оне ќе се вклучат во системот. Договорот е завршен, а во следните денови се очекува негово потпишување. Јанушев изрази надеж дека услугата ќе може да се користи од почетокот на март.
Граѓаните може да си набават картички во билетарниците на ЈСП Скопје, продажните места од мастер-дилерот и сите автобуси на ЈСП Скопје и на приватните превозници.
Директорот на ЈСП Скопје потсети дека до пред една година располагале со 25 билетарници.
– Во овој момент, покрај овие 25 билетарници имаме седум инфо центри каде се изработуваат персонализираните картички, се продаваат и неперсонализирни картички и може да се врши надополнување. Имаме и 56 продажни места на целата територија на Скопје, кои се под мастер-дилерската мрежа, рече Јанушев.
Најави дека дополнително подготвуваат уште 81 продажно место, кои ќе бидат под мастер-дилерската мрежа, а ќе функционираат од 1 февруари.
Билетот за десет возења, како што нагласи, и понатаму ќе може да се искористи во рок од две недели, поради тоа што граѓаните се привилегирани и едно возење чини 25 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.