Крајот го краси делото. А што ќе биде со крајот на мандатот на СЈО? Очигледно, неговиот крај ќе го „краси“ сѐ што Катица не успеа да направи во предвидените 18 месеци. Следува период на театар и на идиотштини. Во најава, но без аргументи и финиш, како и секогаш. Поверојатно, тоа што следува ќе го нагрдува и така максимално извалканото лице на СЈО, но не и во очите на врхушката на СДСМ и на верните беспоговорни соросоидни следбеници. За нив е валкано само тоа што ќе им го кажат духовните гуруа Фрчко и Тричко. А сте се прашале ли зошто Фрчко и Тричко се римуваат со „потрчко“? Ама не наш, странски или, поверојатно, „меѓународен“ потрчко како што милува да рече првоименуваниот лустриран професор-кодош вљубен во интернационализми.
Рецепт на СДСМ: Кога ви е најтешко, повикајте ја Катица!
Беше очекувано, иако, можеби, и не со овој „набиен“ интензитет, дека како што ќе наближува крајот на антиуставната „направија“, финиш предвиден со Пржино, така ќе се засилува и „активноста“ на Јанева. Многумина ќе речат дека поради крупната става, особено во зима, дефинитивно, ѝ е потребна поголема активност за на плажата што следува, но тие забораваат дека нејзина омилена активност е да „чита“. Сетете се на славното интервју на МРТВ. Тогаш за прв и последен пат го прочита обвинението за „Пуч“. Веројатно, уште тогаш знаела дека навлегувањето во обвинението нема никаква поента. Па чуму да трошите време за нешто за кое знаете дека сте назначени само за во вистинскиот момент да се откажете од него. И додека јавноста очекува отфрленото и несакано Катино чедо „Пуч“ да го преземе потаткото Зврлевски, најтешко, сепак, му е на СДСМ. Сега притисокот е двоен. Да, не само „спасителката“, им заминува и „чадорот“. Двоен таксират за една партија, која и така веќе еден и пол месец без усул лаже дека победила на избори. Не им веруваат ниту сопствените партијци, но на безидејните губитници, кои оваа финта, најверојатно, ја украле од „Монти пајтон“ воопшто не им е лесно, а фактот што некогаш, кога и да е, ќе мораат да се изјаснат за албанската платформа, чиишто основоположници се самите тие, воопшто не им ја олеснува работата. Особено проблемот наречен 70.000 гласови, Мухи, Адеми, Касапи… Не им е лесно.
Ризикот е засекогаш да ги загубат гласовите за кои јавно ветија дека ќе си ја продадат и видоизменат државата, а за другиот дел од нив ги испостија паричниците на странските мецени. Настрана, прашање на време е до кога Вицето ќе може да ја финансира едната телевизија, а за другата е јасно. По Трамп, очигледно, таму нема да влезат пари. А газдите, иако ја продаваат, не „пијат“ нафта. За жал, во МТВ уредникот им замина со изборните резултати. Вистински хорор во улицата на „Павел Шатев“. Паниката во социјалдемократските редови мора да е ужасна. По 10 години, конечно, добија министри, но тие си заминаа како што дојдоа. Со ред идиотштини. Времето на Сорос и на УСАИД се тенчи, нема недоветни ад хок медиумски тела, па дури и хохштаплерот Ванхауте се измори. Странците им дадоа десетици адути, но кога не оди, не оди. А проклетството не го носи името на Марфи, туку почнува на буквата „З“. Истовремено, се откажаа и мршојадците. Со непогрешливото сетило, мирисајќи недостиг од пари, ги снема и Фуере, Станишев, Ховит и дузина други припадници на платеничката плејада…
Заев сигнал за помош – симболот на Катица блесна над скопскиот рид
За СДСМ, гевгелиската смокварка со просек 6 е вистински суперхерој. А како и не кога секогаш кога ќе им затреба, тие само ја повикуваат, а таа веднаш прави „чуда“ за нив, со посебна слабост кон обожаваниот камикаѕе политичар.
Знаете, во криминалниот Готам Сити, секогаш кога ќе им затребаше помош од јунакот Бетмен, го повикуваа со специјален рефлектор, кој на небото го создаваше неговиот симбол на лилјак. На „Павел Шатев“, сепак, повикувањето „напомош“ на Катица не е толку едноставно. Иако многу би сакале, но за нивна голема жал, тие не можат да ја повикаат „специјалната“ со рефлектор со нејзиниот лик. Настрана што симболот би личел на една голема топка, или поверојатно смоква (соодветно поради нивите во Мрзенци). Нејзиното повикување е многу покомпликувано од тоа на Бетмен, нејсе и што тој е позитивен лик. Процедурата „повикај ја спасителката“ има неколку чекори. Прво, назначениот социјалдемократ за комуникација со „чадорот“ треба својот сигнал за безидејност и загрозеност од ВМРО-ДПМНЕ, на која било основа, а најчесто поради пад на рејтингот, да го пренесе до скопскиот рид. Таму, тие треба да создадат стратегија затоа што СДСМ никогаш ја нема, ниту знае да ја направи, а потоа и да го насочи, инструира, калибрира и активира специјалното оружје. Интересно, но тоа антиуставно и неконвенционално оружје да било стационирано токму на „Рузвелтова“. Колку соодветно име за „чадорот“ да се чувствува како дома, нели…
Реприза од пред девет години, разликата е во синот и таткото
И така, истата оваа обемна и здодевна процедура со повик на Јанева да ти се случила во понеделникот вечерта. Претходната ваква активност, пак, да ти била пред Водици. За нивна среќа, ова гротексно оружје не се троши лесно и чини само четири милиони евра. Не нив, ја чини Македонија, чиишто граѓани дарежливо и мазохистички ги плаќаат сопствените штетници. Ним парите им требаат за албански гласови, нели. Како и да е, битно, обвинителката од соседството на Заев му даде нова шанса за спас од криминалните дејства. Од кал да е, Катица да е, велат во СДСМ. Но прикаската не застана овде. Поведена од еуфоријата што ја предизвика со новата амнестија на сопствениот лидер и пофалбите за изведбата, Јанева стана инстант зависник од пофалби и од милозвучни зборови од него, сопартијците и од чадорот. Па така, не минаа ни пет дена од најголемата глупост од пребогатата, а толку куса кариера и постоење на „специјалните“, па Јанева мораше да угоди со нов социјалдемократски десерт. Разбирливо, по чудната логика на нејзините наредбодавци (логика што и така никој не ја разбира бидејќи не се од овдешните простори) по божествениот амнестирачки дар за Заев, требаше да следува „казната“ за Груевски и за ВМРО-ДПМНЕ. А негова вина да ти била што не сакал, ниту тој ниту некој од неговите наследници, да не заврши како Киро Глигоров во мандатот на Фрчковски, возљубениот од СДСМ и од нивните поддржувачи. Небаре, „мерцедесот“ е купен за дома или за со него да се чаталат по маало, како Заев и Шилегов со „аудијата“, или Рада со џипот што го немаше, па се преврти со него. Арно ама, тие да ти биле купени од „сопствени“ пари, кој од кирии, кој од отровни корнишони, тендери и што ли не. Сето тоа докажано, ама небитно за да го смени мислењето на верните обожаватели на врхушката.
И така, правдољубивиот Заев без мака си ја тера својата втора амнестија. Првата беше пред „само“ девет години, случај кога тогаш чиракот и чувар на тронот беше амнестиран од мајсторот и „папа“ Бранко Црвенковски. Иако веројатноста е минимална, но историјата се повтори. Сега аболицијата помина од син на татко. Од колено – на колено, се разбира. Истиот тој БЦ, кој го аболираше својот наследник за криминал од „само“ осум милиони евра во скандалот „Глобал“, го амнестираше и синот на Зоран Верушевски, кој пукаше и тепаше луѓе низ целата Македонија. Долгот на Бранко кон Верушевски за „Големо уво“, кое му овозможи сценски ефектно враќање, беше голем и соодветно наплатен. Сега, бидејќи „папата“ се пензионираше и одамна не е претседател ни на СДСМ, а не на државата, неговата лоша навика ја презеде новата спасителка. Не, не зборуваме за вискито, иако според фотографиите од кафеана со Фатиме и со Ленче и таа си го милува, но во засега непознати количини.
По востановената шема од пред девет години, бидејќи во „државотворната“ СДСМ ништо не се менува, жената со членска книшка потпишана токму од БЦ , сега пак ги помилува Заев и Верушевски. Единствената разлика е што сега го спаси таткото. Вториот актер остана ист. Зоран Заев, човекот што не го вади криминалот од уста, исто како и врхушката на партијата. Му остана уште „Поткуп“, арно ама тој „тежи“ само 200.000 евра, помалку од една триесетинка од „Глобал“, а тука се и неговите адвокати, кои успеваат да го одложат секое можно рочиште. Катица, барем, беше поинвентивна во одложувањето на „Пуч“, де свадба, де одмор, де Заеви средби со италијански амбасадори, невработени струмички кореспонденти и што ли не. Во „Поткуп“, пак, им пречат обвинителите. Сите да ти биле злосторници, настрана здружени. Оти тие немале книшка од СДСМ…
Тешко оружје за дигресија од „Пуч“
Катица неаргументирано се изглупира со амнестијата за „Пуч“, за која постоеја солидни, тешки докази, настрана и признание. Веројатно, не ѝ било лесно да го направи тоа, но наредба си е наредба, велат во СС, или беше СЈО… Откако сфатија дека ја „претерале“ и дека отворија фронт на кој губат полошо од британските навивачи од руските на Светското првенство во Франција, Катица се фати за тешко оружје. И така, извади тенк. Да, тенк, затоа што ракета не е на „Т“, а и ова си е солидно тешко оружје. Веројатно е тип „абрамс“ и може да помине низ секаков тип терен, но македонскиов, очигледно, не му се погоди, како и на шарената „револуција“, нели. Оклопното возило, кое како гориво ги „троши“ Јанева и нејзините партиски обвинители, уште од старт откажа, блокира и заглави на македонското „бојно“ поле. Најверојатно, лошо му ги „наместиле“ гасениците со докази. Не е лесно кога по секоја цена морате да измислите случаи што, реално, не држат вода, а некој ви стои на глава и притиска да го сторите тоа поради кусиот рок. Интересно е и што токму со тенк се правеше дигресија за пуч. Да, со еден трагикомичен СЈО „Тенк“ јавноста се замајуваше за да заборави на „Пуч“, сериозен обид за насилно менување на власта со уцена од лидер на партија со незаконски снимени материјали од „вечниот“ разузнавач. Парадоксално, затоа што тенкот, најчесто, е главното оружје во вооружените пучови. Во реалноста, тенковите се видливи и гласни и со истиот тој тенк се прави пуч. Само во Македонија, пучеви се затскриваат со тенкови…
Нешто „смрди“ во СЈО: Чуму соопштенија место драматични прес-конференции?!
Настрана, дека драмата губи на замав сведочи и начинот на кој СЈО ѝ ги пренесе двете одлуки на јавноста. Или, поверојатно, чадорот што ја загуби основата и поткрепата во сопствената земја, на заминување почнува да игра итро и повнимателно.
Првата одлука за откажувањето од аферата „Пуч“ и амнестијата на Заев и на Верушевски и втората за наводните истражни постапки „Тенк“ и „Тарифа“ одеа по иста матрица. И двете на јавноста ѝ се предочија преку бедни соопштенија. На хартија. Или по социјалните мрежи. Верувале или не, Катица, Фатиме и Ленче се откажаа од театарот на СЈО и од драмскиот настап со толку многу лоша глума? Трите „Амазонки“ се откажаа од нови „Златни малинки“?! Истите тие зависници од медиумско внимание во два толку „сериозни“ случаи поминаа со пишани, лошо составени текстчиња, без целата помпа, овенчана со социјалдемократските „шарени“ фанфари? Тешко. Поверојатно, дури и во СЈО имаат срам, кој се засилува со завршувањето на мандатот. А на Трамп штотуку му почна. Таксират, голем таксират…
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 230. број на неделникот „Република“, 27.1.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.