| четврток, 6 декември 2018 |

Судскиoт процес за „Поткуп“ одложен за 23 февруари

Судскиот процес за случајот „Поткуп“, во кој претседателот на СДСМ Зоран Заев е обвинет за барање и примање поткуп од струмичкиот бизнисмен Иван Николов-Сачевалиев, е одложен за 23 февруари. Одбраната побара изземање на обвинителот од случајот.

Адвокатите на Заев го оспорија застапувањето на јавниот обвинител Владимир Милошевски, а откако него го замени обвинителот Златко Биковски го оспорија и неговото застапување.

Според одбраната на Заев, на Милошовски му е истечен шестмесечниот мандат во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Приложија одлука на Советот на јавни обвинители објавена во Службен весник, а според која Милошевски бил привремено распореден во Основното јавно обвинителство за организиран криминал и за корупција на 1 јуни 2016 година до 30 ноември, кога му истекол мандатот.

– Имаме ситуација во која обвинител нема овластувања да презема какви било дејства во име на ОЈО за организиран криминал и корупција и не може да застапува обвиненија на ова обвинителество, рече адвокатот на Заев, Филип Медарски.

Милошевски пред судот изјави дека нема пречка тој да го застапува обвинението за случајот „Поткуп”, но адвокатите најавија дека ќе ги оспорат сите негови дејствија кои што тој би ги преземал во овој судски процес.

По паузата за консултации Милошовски беше заменет од обвинителот Биковски чие застапување според одбраната на Заев, е спорно затоа што бил дел од злосторничко здружение кое монтирало политички процес против лидерот на опозицијата, а исто така бил обвинител и во случајот „Пуч“.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска, по ова, даде пауза од два часа за да може Вишото јавно обвинителство да донесе одлука по барањето на адвокатите на Заев. Одбраната, пак, побара наместо два часа, судот да им даде од еден до три дена за да го комплетираат барањето за изземање на Биковски со докази.

Минатото рочиште за „Поткуп“ беше одложено на барање на Заев. И тогаш неговата одбрана побара обвинителот Милошевски да биде изземен, наводно, поради тоа што тој бил под истрага на Специјалното јавно обвинителство.

Според обвинението во случајот „Поткуп“, Заев се товари дека во својство на службено лице, како градоначалник на Струмица, од бизнисменот Иван Николов побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден квадратен метар градежно земјиште во Струмица, кое Николов бил заинтересиран да го приватизира.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top