| четврток, 6 декември 2018 |

Нов ДУП: На местото на трошните куќи до Олимпискиот базен ќе се градат станбени згради

Општина Центар ги подготви новите Детални урбанистички планови за населбата Ново маало и за реонот на Судската палата. Нацрт-документите во моментов се наоѓаат на јавна презентација и анкета, по што би следувало разгледување на забелешки од граѓаните и усвојување на плановите од општинскиот совет.

Во делот на Ново маало, локалната самоуправа нема предвидено големи промени во урбанистичкиот план. На просторот меѓу Олимписки базен и „Веро центар“ ќе се градат станбени згради со најмногу девет ката и мансарда. Единствена промена е зголемувањето на висината за два до три ката на зградите лоцирани на улицата „Пролет“.

На местото на постојните трошни куќи до Олимпискиот базен е предвидено да се изградат околу 10 станбени објекти. Наспроти идејата пласирана пред околу две години, со најновиот урбанистички план не се предвидува изградба на облакодери. Парковската површина пред Олимпискиот базен е предвидено да остане за граѓаните. Последниот урбанистички план за населбата Ново маало беше донесен пред околу четири години од претходното раководство на општината.

Заедно со урбанистичкиот план за Ново маало, од општина Центар планираат да го донесат и новиот урбанистички план за реонот Судска палата, кој го опфаќа левиот брег на реката Вардар кај Македонската радио-телевизија. Како и досега, на оваа напуштена локација е предвидено да се изгради 10-катна станбена зграда, додека на крстосницата кај Скопскиот саем е предвиден повисок објект од 12 ката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top