| четврток, 6 декември 2018 |

Трамп потпиша указ против законот за здравство Обамакер

tramp-obamaker-1024x683

Новиот американски претседател Доналд Трамп го потпиша во петокот, веднаш по влегувањето во Белата куќа, указот против законот за здравственото осигурување што го донесе неговиот претходник Барак Обама, кој вети дека ќе го укине во текот на својата кампања, објави Белата куќа.

Законот за достапното здравствено осигурување беше една од највпечатливите реформи во текот на сега веќе поранешниот демократски претседател Барак Обама.

Потпишувањето на указот со кој Доналд Трамп го поништи овој закон го овековечија камерите кои беа повикани во Овалната канцеларија. Меѓутоа, законот не може да се укине со потписот, туку мора да гласа и Конгресот во кој републиканците имаат мнозинство.

Со овој закон од 2010 година, кој беше жестоко критикуван од конзервативците поради неговите трошоци и административна комплицираност, требаше да се помогне на поширокото население на САД да се здобие со здравствено осигурување.

Трамп го критикуваше законот како неефикасен и недостапен. Неодамна неговиот потпретседател Мајк Пенс најави дека укинувањето на законот ќе биде првиот приоритет.

Демократите критикуваат дека републиканците со укинувањето на овој закон може да предизвикаат хаос на пазарот на здравствените услуги, со укинувањето на Обамакер. Исто така, не е познато со која алтернатива ќе биде заменет овој закон.

Законот за заштитата на пациентите и пристапната нега (АСА), како што официјално се нарекува законот, е усвоен во 2010 година за значително намалување на бројот на неосигурените Американци и истовремено да го забави рапиден раст за потрошувачката во здравство. Неговото усвојување имаше драматично влијание врз американскиот здравствен систем.

Обамакер не е јавна програма за здравствено осигурување. Тоа е законската рамка којашто на приватните осигурители им наметна обврски со намера подобро да се регулира пазарот и ширењето на услугите кои се покриваат со осигурувањето.

Во САД постојат само две јавно здравствен осигурувања на сојузно ниво: Медикејд, наменет за сиромашните семејства и поединци, и Медикер, за оние кои се повозрасни од 65 години. Повеќето американци се осигурени се во приватниот сектор, најчесто преку работодавачите.

Според Обамакер, осигурителните куќи не смеат да ги одредуваат премиите за осигурувањето врз основа на историјата на болестите или полот, како што работеле претходно. Не смеат ниту да одбијат да осигурат пациенти кои се „прескапи“ или да наметната годишно финансиско ограничување на здравствените услуги, што е практика која некои тешко болни Американци ги довела до питачки стап.

Обамакер, исто така, бара осигурителот да ги плати трошоците за болничко лекување, посети на итна помош или некои превентивни прегледи, како тестирања на дијабетес или вакцинација. За возврат, законот Обамакер бара сите Американци да бидат осигурени или да платат казна. За 2017 година казната изнесува 695 долари за возрасни лица.

Бидејќи неколку милиони луѓе повеќе придонесуваат на здравствениот систем, велат поборниците на Обамакер, премиите кои ги плаќаат здравите Американци ги намалуваат трошоците на лекувањето на најболните.

Републиканците, пак, велат дека присилното учество во системот ги крши основните слободи гарантирани во уставот на САД и остро го осудуваат.

За лицата за коишто работодавачот не плаќа осигурување, администрацијата на Обама воспостави интернет „пазар“ на кој поединците може да се пријават за ACA приватниот осигурител. Тој, пак, за возврат зависно од приходот на тоа лица, има право на даночни олеснувања што ја намалува цената на премијата.

Проблемот е во тоа што сé помалку осигурители учествуваат на тие „пазари“, бидејќи се покажа дека им се помалку профитабилни од очекуваното. Резултат на тоа е што премиите постојано поскапуваат, а за републиканците тоа е доказот дека реформата пропаднала.

Откако Обамакер законот стапи на сила, здравствениот систем се проширил на 20 милиони нови осигуреници, тврди администрацијата на заминува, а бројот на лица без осигурување паднал од 16 отсто во 2009 на 8,9 отсто во минатата 2016 година, што е најниското ниво во историјата. Демократската администрација, исто така, истакнува дека расот на трошоците во здравствениот сектор никогаш не бил побавен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top