| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Неопходна е соработка на нашите безбедносни сили со Египет

kol227-ivanov-1

Неопходна е соработка на македонските безбедносни сили со Египет, и нашите армиски сили, која досега е извонредна, оцени претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој во Египет учествува на Меѓународниот форум посветен на безбедноста во време на екстремизам и насилство. ­

– Досега имаме навистина исклучителна соработка во сферата на безбедноста, затоа што разменуваме информации и искуства во врска со заканите што ги имаме и Египет и ние. Египет, во неговото опкружување има закани од илегална миграција, нивната армија е на нивната јужна граница, каде ја чува долината на Нил од Рогот на Африка каде милиони луѓе се поттикнати да одат кон Европа, изјавил Иванов, додавајќи дека армиите на двете земји ја имаат една од клучните улоги.

Македонскиот претседател, како што соопшти неговиот Кабинет, посочил дека нивната Армија има улога каква што има и нашата Армија.

– Како што нашата Армија е на нашата јужна граница и го чува коридорот низ долината на реката Вардар, така и нивната армија е во слична позиција, додал Иванов.

Шефот на македонската држава посочил дека според извештаите на ОН, бројот на жители во Африка постојано ќе се зголемува и дека со овие закани ќе се соочуваме и идните години и децении. ­

– Состојбите во Африка се уште не се стабилизираат, и тоа ќе доведе многу млади луѓе да одат по потрага по среќа, односно ќе се упатуваат кон Европа, нагласил претседателот.

Македонија како земја ќе продолжи да учествува на вакви форуми и да дава свој придонес, со тоа што ние го имаме како искуство, во справувањето со илегалната миграција и со заканите од екстремни и терористички групи, порачал македонскиот претседател.

– Тоа им е неопходно на многу земји, затоа што многу се затекнати од оваа состојба и се уште немаат решение како да се справуваат со сиве овие предизвици, истакнал претседателот.

Иванов нагласил дека Република Македонија и Египет ја интензивираа соработката во повеќе области од заеднички интерес и дека на средбата со претседателот Ал Сиси, разговарале за унапредување на првната рамка со цел продлабочување на соработката и во областа на туризмот, земјоделието и образованието.

Оваа работна посета, што следи по официјалната посета на македонскиот претседател на Египет, Иванов ја оценил како исклучително успешна. Претседателот истакнал дека целта на ваквите форуми е да се изнаоѓаат заеднички решенија и начини за надминување за предизвиците и спротивставување на заканите на 21 век со кои се соочуваат сите земји во светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top