Повторно пред вас давам јасна препорака за почеток на пристапните преговори без понатамошни одложувања, порача известувачот за напредокот на Македонија во ЕП Ричард Ховит на пленарната седница посветена на напредокот на земјата кон ЕУ.
„Но, оваа година како одговор на етничките тензии од минатиот август и политичката криза од 24 декември, повторувам дел од тешката реалност. Дека напредувањето кон Европа е во ризик. Дека демократскиот кредибилитет на државата е доведен во прашање. Дека ние не можеме да ја посакуваме вашата земја во ЕУ повеќе од вас. Така, околу Комисијата за истрага, за Меморандумот за разбирање, за дијалогот околу слободата на изразување, повикувам да направите суштински исчекор на напред од онаму каде што сте денеска. Тоа го велам и за прашањето за името. Европа го поздравува прогресот меѓу Србија и Косово. Тие лидери не покажаа помалку храброст од онаа која денеска е потребна од лидерите во Атина и во Скопје. Искрено стравувам дека само напредокот околу името може да ги задржи во живот надежите за јуни“.
„Овој Парламент, исто така, упатува јасни прашања од Европскиот совет. Дали ги користите предизвиците пред земјата како удобен изговор? Дали сте се запрашале што би се случило доколку оваа земја слизне на назад кон конфликти и фрагментации? Ако ја погледнеме минатата година и случувањата, дали Европскиот Совет ќе ја прифати одговорноста за нив како резултат на одложувањата и одбивањата? Дали разбирате дека кога сте во редица и кога сте во позиција во која постојано ве туркаат на назад, подалеку и подалеку од првата линија, во еден момент сте оддалечени од заедничката редица? Мојот рапорт во Европскиот Парламент беше одложен во очекување на договор за ставање крај на политичката криза. Сега се плашам дека Европскиот Совет може самиот да го одложи носењето на одлуката во јуни. Можеби тоа е подобро од ново одбивање? Навистина, јас не можам да предвидам дали до крајот на оваа година ова ќе биде земја која ги почнала пристапните преговори? Или може да биде земја која во целост го загубила кандидатскиот статус? Но она што го знам е дека оваа земја и народ заслужуваат шанса“, посочи Ховит потсетувајќи се на искуството кога заедно со Бузек беа посредници на мартовскиот договор.
„Кога ќе се присетам на тоа искуство, помислувам на сите обични Македонци на улиците, во ходниците, транспортот, кои ни дојдоа да ни посакуваа добро, охрабрувајќи не да успееме. Тие надежи и желби на луѓето во државата најмногу ме водат, и кои бараат од ЕУ да најде начин да и помогне на оваа земја да оди напред“, посочи Ховит во извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


