Уште два фаворити за медал на Светското првенство во ракомет во Франција забележаа победи во своите воведни натпревари. Во рамките на Д групата, во меч игран во Париз, олимпискиот победник од Рио Де Жанеиро, Данска не дозволи драма како во Бразил во август минатата година, и ја совлада Аргентина со 33-22.
Во победничката селекција на Данска се истакнаа Микел Хансен со 6 и Ласе Свен Хансен со 5 гола. Сите ракометари, кои селекторот Гумдунсон ги стави во игра, одговорија со перфектна колективна игра и потврда дека скандинавците имаат енергија за високи дострели. Кај поразената Аргентина најефикасен беше Федерико Фернандез со 6 гола.
Хрватска на Жељко Бабиќ во рамките на Ц групата потешко од очекувањата извојува победа над Саудиска Арабија со 27-23. Кај „коцкестите“ се наметнаа вардарецот Лука Циндриќ со 6 и Домагој Дувњак со 5 гола. Во поразената селекција на Саудиска Арабија се наметна Мојтаба Ал Салем со 5 гола. По првото коло во сите четири групи, само Уве Генсхајмер од Германија со 13 гола е пред нашиот капитен Кирил Лазаров на врвот на листата на стрелците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.