| четврток, 6 декември 2018 |

Шпанија најави дека е подготовена за големи мечеви, победи и на Норвешка и на Русија

spanija

Во рамките од првото коло на Светското првенство во Франција покрај победата на македонската репрезентација, триумфи извојуваа и селекциите на Шпанија, Норвешка и Русија.

На „црвената фурија“ и беше потребно само едно полувреме да се разбуди во мечот со Исланд и да стигне до првата победа од 27-21. Исланѓаните во првите 30 минути од мечот покажаа дека и без Арон Палмарсон се репрезентација за високи дострели, но сепак фаворитот Шпанија со пресврт во вториот дел најави дека е подготовена за големи мечеви и пласман во самата завршница од мундијалот.

На одмор се замина со резултат 12-10 со Исланд, пред се благодарение на извонредниот голман Густавсон, кој за 30 минути игра имаше девет интервенции, меѓу нив и три одбранети пенали.

Уште на стартот од второто полувреме стана очигледно дека Шпанците многу посериозно влегоа во остатокот од мечот. Перез де Варгас нанижа три интервенции во првите две минути, одбраната на „фуријата“ уште повеќе доби на цврстина, па набрзина следеше и пресвртот. Откако во 37. минута Исланд водеше со 13-15, оваа селекција цели десет минути не успеа да постигне гол, а Шпанија со серија од 5-0 го реши прашањето на победникот. „Црвената фурија“ искусно ја одржа предноста се до самиот крај, за конечен триумф од 27-21.

Норвешка одигра искусно и крајно концетрирано во текот на целиот натпревар против Полска и заслужено славеше победа од 22-20. Предноста од два гола која ја создаде уште во првото полувреме беше доволна за конечен триумф иако Полјаците на пет минути до крајот стигнаа до егал, но сепак немаа сила за целосен пресврт.

Во треминот од 17.45 часот покрај мечот Македонија – Тунис, се одигра и натпревар од групата А во кој Русија како фаворит го декласираше составот на Јапонија со 39-29. Од самиот почеток „зборнаја“ ја презема иницијативата и како одминуваше мечот растеше и разликата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top