Вака би требало да изгледа нормалниот тек на работите. Но, нели, кај нас сѐ е превртено на глава, па и платформата на албанскиот политички блок што ни ја испорачаа домашните политичари откако „вкусно“ им ја зготвија вештите кулинари во Приштина и во Тирана, па на замаглената политичка сцена се појави како „џокер во покер“. Кому му требаше оваа платформа? На ДУИ? Можеби, затоа што оваа партија, според номиналните резултати, и натаму е „албански победник“ во Македонија, но според политичкото паметење и актуелниот контекст на работите – апсолутен губитник со преполовени гласачи, а богами и мандати во законодавниот дом. Рака на срце, Али Ахмети си имаше своја „мини-платформа“, односно столбови на изборната програма уште во старт, но ова некако му доаѓа како екстра-профит или акциза на луксузна стока.
На останатите помали албански партии, кои едвај стојат на стаклени нозе? Да, па тие допрва треба да се етаблираат на политичката сцена. Значи, на сите им е добредојдена, посебно што влегоа во меќава, од која не можеше докрај да ги заштити дури ни големиот чадор кој нонстоп им е на располагање. Е сега, тоа што во предизборието и кампањата се колнеа дека ни случајно не седнуваат едни со други на маса, најверојатно мислеа на домашната трпеза. Ама кога станува збор за зелената маса на Еди Рама, тука работите добиваат нов квалитет… нешто помрсничко: „сеопфатна дебата за знамето, за химната и за државниот грб на Република Македонија, со цел државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетничност и етничка рамноправност“. По тоа на Еди Рама не му гине удел во сеопфатната дебата, ако не и место во химната на Македонија. Море и да го опеат. Нешто како: „Гоце Делчев, Питу Гули, Еди Рама, Сандански….“
Всушност, да не се занесуваме. Сето тоа што Заев го најавуваше и ветуваше во бели ракавици, ама и поотворено, всушност, со платформата си доби своја рамка (како што ни порача од Берн, Рамковниот договор е мал, ни треба поголема рамка – еве ја!) и ни се испорача уште во првата недела по официјалното завршување на изборите. И за таа рамка, која сега е платформа, што би рекол Геро, втората по големина албанска партија во Македонија – СДСМ сѐ уште нема сопствен став. Го нема затоа што или Заев е лут зашто не беше повикан ниту во Приштина ниту во Тирана или, пак, затоа што има проблеми во партијата.
Коалициските партнери, „Шарената револуција“, како и опозициската Левица и други слободни стрелци блиски до опозицискиот фронт, во старт ја осудија оваа платформа и искажаа огромно разочарување од неа. Очигледно, ниту мегафоните на опозицијата и нивните главни „опинионмејкери“ не мислеле дека Заев е толку сериозен во своите ставови, и во Берн, и во кампањата, па се најдоа и тие вчудовидени. Толку си веруваат меѓусебно!? А Заев очигледно успеа да ги „превесла“ и коалициските партнери и неговите поддржувачи и членството во партијата. А богами и мудрите професори и академици кои беа најгрлатите.
Според мене, платформата на Еди Рама е реторика на класично враќање во 90-тите години од минатиот век. Уште во заднина фали да оди некоја песна од „Guns and Roses“ и впечатокот да биде комплетен.
Да се вратиме назад на комбинаториките. Често употребуваната фраза „вистината е како шило, кај и да ја сокриеш, ќе боцне и ќе излезе на виделина“, всушност, се случува. Видовме кој за што се залагал. Кој ја бранел државата, а кој ја предавал. „Коалицијата за подобра Македонија“ заслужено изби во пол-позиција, не само за формирање на оваа влада, која ќе биде, според мое мислење, со краток здив, туку уште повеќе, „да згази“ на следните предвремени парламентарни избори. На нив, веќе нема сомнеж, ќе добие повеќе пратеници отколку што бараше да има на овие избори, и тоа во најоптимистичката варијанта.
Како и да е, да не си ѝ во кожа на првата албанска партија – ДУИ, зашто е повеќе од свесна дека на утрешните локални избори не ќе може да освои градоначалничко место ниту во Струга, ниту во Чаир, ниту во Тетово или Гостивар без поддршката на оној што има националистичка реторика, па јавно го кудат, а тајно го посакуваат. Да не си ѝ во кожа ниту на втората албанска партија – СДСМ, која не успеа, иако запнуваше од петни жили, со целата трговија со националните интереси и со сѐ што прифати да одработува, а, сепак, не успеа да се дограби до власта, па сега само чека да ги презеде во раце жешките костени на платформата и докрај да се демаскира. А, со толку жештина во рацете не може да не изгори! Зашто, како што стојат сега работите, и коалициските партнери, и членството, и најголемите гласноговорници и лобисти повеќе од јасно сфатија: Со Заев нема играчка! Човекот е „all in“ или по нашки навлезен „до балчак“! За него нема назад!
Но, всушност, каде се преиграа? Независно од тоа дали ќе има влада формирана од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ или ќе се оди на нови избори, она што граѓаните од албанското малцинство во Македонија уште еднаш ќе им го испорачаат на нивните политички лидери и на гуруто Еди Рама е дека филмот со националистичките тотеми, ставање јарболи од 100 метра, светлечки орли и слични фетиши е фаза која одамна е надживеана и одмината. Граѓаните Албанци, исто како и Македонците, многу повеќе го разбираат јазикот на економијата, просперитетот и квалитетот на живеење отколку празните флоскули и изнасилени постизборни платформи кои ветуваат нешто, а реално – ништо. Во нив нема ниту грам евроатланска перспектива или вокабулар на 21 век, она кон што тежнеат сите идеали на младите.
И повторно не можам да се изначудам како господинот Али Ахмети, кој деценија и пол е на политичката сцена во државата, не успеа да сфати дека легитимитетот за политичкото дејствување, конечно и за промовирање разно-разни програми и платформи, се добива од граѓаните на Република Македонија, а не од Тирана и од Приштина?!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст