Поврзувањето на Македонија со Албанија и со Србија, како и новата трафостаница во Охрид се најзначајни приоритети на МЕПСО, кои се дел од европскиот „мега-план“, кој опфаќа повеќе од 100 проекти вредни 104 милијарди евра. Планот е наменет за ревитализација, надградба, модернизација или изградба на 51.500 километри длноводи низ европскиот континент, беше посочено на конференцијата за предизвиците на преносната мрежа во Југоисточна Европа во Скопје.
– МЕПСО е рамноправен член на европското семејство на преносни системски оператори. Вложуваме во регионално важни проекти како 400-киловолтните далноводи Штип – Ниш, Битола – Елбасан и во нова 400/110 киловолтна трансформаторска станица во близина на Охрид. Ќе градиме 165 километри далноводи и нова трансформаторска станица инвестиции со вредност поголема од 50 милиони евра. Паралелно работиме и на проекти од национален интерес од кои позначајни се ревитализација и надградба на десетина трансформаторски станици, набавка на нов систем СКАДА и набавка на нов енергетски 400/110 киловолтен трансформатор – истакна Синиша Спасов, генералниот директор на МЕПСО.
Двата далновода и новата трафостаница во Охрид, како и ревитализацијата на преносната мрежа во источна Македонија, во централна Македонија и во Полог се дел од 18 приоритетни проекти на МЕПСО, кои произлегоа од Студијата за развој на преносната мрежа во периодот 2010 – 2020 година. Странски стручњаци и стручњаци на МЕПСО изработија студија, која е стратегиски документ, а воедно е и инвестициско-оперативен план со конкретни рокови и суми за да се задоволат сите потреби за пренос на потрошувачите и на производителите на електрична енергија до 2020 година.
ТYNDP 2012 е одговор на барањата на европската регулатива EC 714/2009, со што од ENTSO-E беше побарано да се изработи сеопфатен Десетгодишен план за развој на преносната мрежа . Планот идентификува инвестиции за реконструкција и за надградба на мрежата со вредност од 104 милијарди евра и должина од околу 51,500 км низ цела Европа. Стоте проекти ја покажуваат важноста и посветеноста на преносните системски оператори во поддршката на фундаменталните европски енергетски начела: интеграција на пазарот на електрична енергија, развој на обновливи извори на енергија и обезбедување сигурност на напојувањето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


