| четврток, 6 декември 2018 |

Ниска температура од жолта фаза, Полошкиот регион во портокалова фаза

Во согласност со најавата од Управата за хидрометеоролошки работи, денеска за целата држава се предвидува ниска температура од алертна (жолта) фаза, освен во полошкиот регион (Тетово, Гостивар, Кичево, Македонски Брод) каде што се предвидува пониска температура, која спаѓа во портокалова фаза, соопшти Министерството за здравство.

Препораките за ослободување од работни обврски на бремените жени и хронично болните лица над 60 години остануваат да важат само за регионот зафатен со портокалова фаза (полошки регион – Тетово, Гостивар, Кичево, Македонски Брод).

За работниците кои работат на отворено во полошкиот регион зафатен со портокалова фаза се препорачува да се внимава работните обврски да ги практикуваат од 10 до 16 часот со повремени паузи на секои два часа, по половина час во топла просторија, и со топли пијалаци.

Се препорачува без неопходна потреба да не се излегува од дома, да се носи топла облека, да се консумираат топли напивки и да се избегнува консумација на алкохол. Воедно се препорачува внимателност при движење на лизгави површини.

Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови при Министерството за здравство во континуитет ја следи состојбата со ниски температури во државата и во зависност од временската прогноза, доколку има потреба, ќе бидат донесени и нови препораки, стои во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top