| четврток, 6 декември 2018 |

Советот на Европа загрижен за слободата на медиумите во Србија

eu

Советот на Европа денеска изрази загриженост за слободата на медиумите во Србија, откако неделник беше осуден за клевета затоа што упати обвинение кон министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, пренесоа француските медиуми.

-Загрижен сум за можните негативни последици за слободата на медиумите што ги има таквата судска одлука- посочи комесарот за правата на човекот во Советот на Европа, Нилс Мујжниекс.

Политичарите „треба да се отворени за критики“ и „да се воздржуваат од дејствија кои можат да имаат заканувачки дејствија врз слободата на печатот“, се наведува во соопштението на Мујжниекс, ако се имаат во предвид судските постапки преземени од министерот за внатрешни работи по статијата на списанието „Нин“ од јуни минатата година.

Списанието објави дека Небојша Стефановиќ е поврзан со незаконското уривање на складови во Савамаала, во Белград, во април лани од мистериозни лица со качулки на главите, без полицијата да интервенира, и покрај тоа што добила предупредување. Се претпоставува дека уривањето било со цел да се отвори место за грандиозен градежен проект, што е поддржан од владата. Проектот, што предвидува изградба на луксузни згради на брегот на реката Сава, наиде на жесток отпор кај еден дел од жителите на градот, кои се силно приврзани кон квартот Савамала. Но, на почетокот на јануари судот во Белград го прогласи списанието „Нин“ за виновно за клевета и го осуди на казна од 300.000 динари (околу 2.500 евра) за „нарушување на честа на министерот“. „Списанието ќе ја обжали пресудата“, посочи неговиот главен уредник. ­Пресудата докажува дека не сум учествувал во кривично дело, како што тврдеше „Нин“, изјави Небојша Стефанови. Градежниот проект „Белград на вода“ натера десетици илјади жители на градот да излезат на протести по градските улици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top