| четврток, 6 декември 2018 |

Годината на смртта однесе многу македонски имиња: Ѕвона ѕвонат…

Нѐ на­те­раа да ги зна­е­ме, нѐ оста­ви­ја да ги па­ме­ти­ме

 

По долга и тешка борба со карциномот, во 69. година од животот почина една од најголемите британски и светски музички легенди Дејвид Боуви… Вака започна 2016 година. Социјалните мрежи на 11 јануари беа преплавени со песни од музичката легенда… На 53-годишна возраст во својот дом во Оксфордшир на Божик, почина Џорџ Мајкл. Вака некако привршуваше годината која нумеролозите ја нарекуваа „година на смртта“.

Заминаа многу светски, но и многу домашни легенди. Македонците во јануари беа затечени од веста дека не напушти човекот кој знаеше да не развесели, да не разигра со миксот песни што тој умееше да го направи.  Љупчо Петровски или попознат како Диџеј Бабура, легенда на македонската радио и клупска сцена, ја загуби битката со болеста на 44-годишна возраст не напушти нас, ги напушти своите најблиски, животот го спречи да се радува на своите две близначиња.

Ацо Снагата, Дармар, Серафимовски…

aco jovanovski

Во јануари замина и Ратка Чоревска, доајенот на македонското актерство. Беше дел од многу театарски ансамбли во Македонија, со својата актерска моќ имавме можност и чест да ја гледаме и во играни филмови. На 91 година, во Скопје почина  Нада Прличкова, долгогодишната, но и легендарна суфлерка на Македонскиот народен театар, втората сопруга на Петре Прличко.

darko-markovik-darmar

И бардот на македонското глумиште Ацо Јовановски го напушти овој свет. Почина на 86-годишна возраст оставајќи зад себе многу улоги, како на театарската, така и на филмската сцена. Со чичко Ацо снагата замина и македонската актерка Лилјана Лиле Георгиевска, како и Вукосава Донева – Варколи, македонска театарска, филмска и телевизиска глумица, поетеса, преведувач и професорка.

tomaz pandur

Театарџиите беа сведоци на немила сцена, кога за време на проба за претставата „Крал Лир“ во МНТ, на 52 години почина истакнатиот словенечки и европски режисер Томаш Пандур.

Замина и Дарко Марковиќ, а нас ни остана Пецко, стрип по кој ќе го паметиме и споменуваме Дармар, познатиот македонски карикатурист, сатиричар, филмски режисер.

На 43-годишна возраст по долго боледување почина македонската режисерка на документарни филмови, Билјана Гарванлиева.

garvanlieva_-_01

Поетот и театарски критичар, Љубомир Груевски, замина во вечноста каде што одамна го резервираше своето место со песните кои станаа антологија на македонската современа поезија

По создадени повеќе од 550 скулптури во бронза, мермер, оникс и во дрво, меѓу легендите отиде и академик Томе Серафимовски. Се простивме и од академик Глигор Чемерски, еден од најголемите македонски сликари. Почина и неговиот колега, најпознатиот македонски сликар–наивец Стеван Поповски.

По кратко боледување замина и писателот Мето Јовановски, кој беше претседател на Македонскиот ПЕН центар и прв претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

meto-jovanovski

Друштвото на писатели се опрости и од Трајче Крстески, раскажувач, романсиер, поет и драмски автор,

Тивка музика

ljupka dimitrovska-2

2016 година однесе значајни имиња и од музичката сцена. 2017 година не ја дочека кралицата на ромската музика. На 11 декември по кратко и тешко боледување на 73-годишна возраст нашиот музички амбасадор во светот, Есма Реџепова Теодосиевска.

Ѕвоната заѕвонија и за Љупка Димитровска, дамата од музичката сцена која иако животот го помина во Хрватска, остави стихови кои ќе се споменуваат во музичката историја.

slavcodimovski

Замина еден од најдобрите македонски гитаристи Аријан Дема Љани. По кратко и тешко боледување, во Словенија почина големиот промотор на македонската култура во дијаспората и низ светот, музичарот Љубен Димкароски. Не напушти и оперскиот солист, баритонот Славчо Димовски. Последно збогум и за Александар Стојановиќ,познат македонски балетски играч, кореограф, режисер и репетитор, за Лепша Пиперковска видна македонска пијанистка, Иван Терзиев, македонски композитор и флејтист.

Министри, амбасадори

jane-miljoski

И универзитетскиот професор Јане Миљовски не напушти на 70-годишна возраст, министер во експертската Влада на самостојна Македонија. Почина и Димитар Мирчев, македонски универзитетски професор, професор емеритус по политички науки, поранешен амбасадор на Република Македонија во Словенија.

svetlana-antonovska

Ненадејно замина Светлана Антоновска (1952-2016) – основоположник на современата статистика во самостојна Република Македонија.

2016 година беше кобна и за Тони Ристов, долгогодишен портпарол на ДОМ. Почина и Драгољуб Николовски-Ганди истакнат македонски општественик и пратеник.

Последното пливање на Нестор

niko nestor

Вардаровите навивачи се простија од Сашо Микиќ, еден од најстарите членовите на навивачката група Комити. Тој ја загуби најважната битка во својот живот и на 48-годишна возраст почина по тешкото боледување од рак на мозокот. Во февруари замина уште едно име кое остави белег во македонскиот спорт – почина поранешниот селектор на Македонија, Слободан Сантрач. По ова Македонија се опрости од Нико Нестор, легенда во македонското пливање. Нестор, кој го напушти овој свет на осумдесет и двегодишна возраст, ќе го паметиме како  основоположник на македонското маратонско пливање и прв Македонец што го преплива Ла Манш. Овој спорт изгуби уште едно име во 2016 година –  замина пливачката легенда и доајен на маратонското пливање во Македонија, Александар Леко Радиќ во 87 година од својот живот.

На 97-годишна возраст почина еден од доајените на македонскиот фудбал Миле Герасимовски – Гале.

gale

Ракометарите се збогуваа од Пеце Димитровски, еден од основоположниците на ракометната игра и воопшто спортот во Битола.

И боксерите загубија големо име. На 72-годишна возраст почина легендата Мирко Леов, претседател на Судиската организација при Боксерската федерација на Македонија.

Кобната болест го зема 27 годишниот Љупчо Црвенковски, младиот моторџија од Прилеп, за кого се организираше и хуманитарна акција. Моторџиите се опростија од уште еден нивни колега, Зоран Николов, познат како Доктор Буш.

Новинарските пера не умираат

Pampur

И новинарите изгубија многу имиња. Прв во годината која е зад нас не напушти осумдесетитри годишниот доајен на македонското новинарство Борис Поп Ѓорчев. Многу набрзо новинарите се збогуваа со младата, четириесетгодишната колешка Марија Петковска, новинар во дескот на Македонската радио телевизија, која замина сосема неочекувано. Новинарите беа затечени и од веста за прераното заминување на водителот кој беше препознатлив по својата насмевка и по неговиот ведар дух, човекот со чии прилози пораснаа голем број генерации во првите години од осамостојувањето на Македонија, големиот Реџеп Пампур.

maja-veljanovska

Се собираа, купуваа фотографии, собираа пари… Но тоа не беше доволно за новинарите да го продолжат животот на својата млада колешка Маја Велјановска, која боледуваше од канцер на коските. Замина големиот борец кој не успеа да ја победи последната битка.

Ќе ги споменуваме многуте жртви на македонските патишта, ќе ги споменуваме починатите родилки, ќе се сеќаваме и на Анита Андреевска-Митровска, една од жртвите во терористичкиот напад во предградието на главниот град на Брегот на Слоновата Коска, Абиџан.

 

Гага, Бата, Маринко, Манда…

bata zivoinovic manda gaga nikolic madzgalj

Богато е небото, сиромашна е српската актерска сцена. Србија изгуби многу имиња, а Балканот најмногу е зборува за легендарните глумци кои се собраа повторно заедно, но некаде таму горе, над облаците…. Душан Голумбовски, Драган Николиќ, младиот Маринко Маџгаљ, Бата Живоиновиќ, Ѓорге Јелисиќ, Милорад Мандиќ Манда, Мира Ступиќ…

 

Принс, Боуви, Мајкл…

umreni-2016

Се опростивме од легендарниот музичар Принс, од боксерот Мохамед Али, актерот Алан Рикман, од легендарната американска актерка со унгарско потекло За За Габор, од Роберт Вон, од режисерот, Кертис Хансон, од легендарниот актер Џин Валјдер, од Гери Маршал… Замина шпагети-вестерн легендата Бад Спенсер, како и Дорис Робертс, актерката која го толкуваше ликот на бучната, посесивната и тешко поднослива мајка во серијата „Сите го сакаат Рејмонд“…

Светот се шокираше кога дозна за Лиза Лин Мастерс, која беше пронајдена обесена во плакарот во хотелската соба, како и за смртта на некогашната прва дама на Америка, Ненси Реган. Замина легенадниот пејач Леонард Коен, а цел свет се потресе од веста за смртта на Дејвид Боуви. 2016 година го однесе и славниот писател Умерто Еко, а замина и поранешниот претседател на Куба, Фидел Кастро.

На крајот на годината светот со неверување гледаше на веста за смртта на легендата Џорџ Мајкл, а ден по смртта на познатата актерка Кери Фишер, најпозната по својата улога како принцезата Леја во филмскиот серијал „Војна на ѕвездите“, замина и нејзината мајка, актерката Деби Рејнолдс, како и комедијантот Рик Харис.


пишува: Билјана Зафирова

Текстот е објавен во 226 број на неделникот „Република“, кој излезе од печат на 30 декември 2016 година

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top