Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде што архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи Златоустова литургија.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст