| четврток, 6 декември 2018 |

Честитка од претседателот Иванов по повод Божик

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите христијани, по повод големиот празник раѓањето Христово – Божиќ.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архиjерејски синод и на целото свештенство и монаштво, да Ви го честитам големиот христијански празник – Божиќ.

Во деновите кои следат ќе го славиме животот, семејството и новите почетоци. Ова е период од годината кога во духот на Евангелието треба да пронајдеме сили и да ги надвладееме суетите и искушенијата, простувајќи си едни на други.

Верувам дека Македонската православна црква како најголема христијанска заедница во Република Македонија и во иднина ќе ја исполнува својата улога во нашето општество, ширејќи ја пораката за простување, помирување и за сплотување. Ако сакаме да градиме општество на почитување и на достоинство треба да научиме да подадеме рака и да го отвориме срцето со искреност и доверба едни кон други.

Ваше Блаженство, од првиот ден на Божиќ, нашиот заеднички пат да биде вербата во Бога, почитувајќи ја и препознавајќи ја искреноста и доброљубието во нас.

Честитајќи Ви го големиот христијански празник, Ви посакувам добро здравје и духовен мир, а на сите граѓани кои го прославуваат празникот им порачувам со отворено срце да ја прославиме радосната вест за раѓањето на Господ Исус Христос.

За многу години празникот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top