Во 19 век Грција и Србија планирале заедничка граница, речиси среде денешна Република Македонија. Не сакале да ја играат Бугарија која, пак, така навредена правеше договори зад затворени врати со секоја земја посебно пред почетокот на војната. Бугарија реши да игра самостојно, па на Македонската револуционерна организација почна да ѝ дава оружје, многу оружје, но расипано и без патрони, доволен им бил впечатокот, страв им било да дадат патрони, да не случајно Македонците сами се ослободат.
Кога Македонија зачекори во својата независност, повторно се разгледуваа старите планови. Милошевиќ и Мицотакис седнаа на маса да ја делат Република Македонија, само не знаеме дали тоа го правеле на салфетка, замислувајќи дека се Черчил, Сталин и Рузвелт. Во 1992 година грчката армија почна воена вежба на нејзината северна граница и истата ја нарече, ни помалку ни повеќе, „Александрос“. Среде вежбата грчки воени авиони неколку пати навлегоа во македонското небо точно 37 километри, истата бројка на километри пред некое време ја спомнуваа грчки генерали сакајќи да дадат до знаење дека, доколку Балканот влезе во нов воен конфликт, тие имаат план северната граница да ја бранат навлегувајќи 35 километри во Република Македонија. И така нештата имаат свој почеток во историјата, за која, пак, некои „умни“ глави во нашево општество велат да сме ја тргнеле на страна бидејќи таа била само историја.
Но, како и да е, уште поинтересно е тоа што во „Мегали идејата“ составена од Венизелос во 19 век, границата на Грција требала да поминува точно 37 километри на територијата на денешна Република Македонија. Така водат политика мудрите политичари и успешните држави следејќи ја доктрината воспоставена длабоко во историјата. Но, да ја ставам историјата на страна, да не ме укорат некои „умни“ глави.
Истиот период додека Грците правеа воени вежби на нашата јужна граница, средби одржуваа бугарскиот и албанскиот врв, средбите се однесуваа на предлогот на Милошевиќ и на Мицотакис. Оваа врска повторно доаѓа од историјата, овие две држави имаа своја граница на Групчин за време на Втората светска војна. За Бугарија е интересен и еден друг момент кој ретко кој го спомнува. Исто како што Бугарија ѝ даваше расипани пушки на Организацијата во 19 век, во 2001 година Бугарија ни даде 100 расипани тенкови. Пак беше важен впечатокот, ќе не спасувале „браќата“ од околу, а притоа кроеа размена на територии. Во 1999 година, при почетокот на конфликтот на Косово, грчката армија повторно изведе воена вежба на северната граница, за секој случај, ако се разгори регионална војна тие да си го заземат својот дел, а подоцна дознавме дека тие знаеле пред нас и за тоа што ќе се случува во Македонија во 2001 година. За разлика од првата вежба која се викаше „Александрос“, втората се викаше „Филипос“. Не знам дали со неа го прославиле поразот кој Филип Втори им го нанел пред две илјади и кусур години, но нејсе, ако е така, тогаш е малку мазохистички и тажно.
И сега, зошто не чуди изјавата на Ивица Дачиќ, кој кажа дека биле будали што Република Македонија ја признале под уставното име и со тоа си ја нарушувале дружбата со братска Грција? Мала дигресија, братството помеѓу Србија и Грција го кумуваше Русија, ова нека стои како фуснота, дека е нотирано.
Дачиќ има целосно право и слобода да кажува сѐ што му лежи на душа, очигледно не го научиле дека надворешната политика деведесет проценти е глума, нема емоција, но кој да го научи кога учител му беше Милошевиќ.
Проблемот е кај нас Македонците. Не, не сме криви како што вели Заев, проблем е тоа што многу внесуваме емоција во политиката, мислам општо, за впечатокот кај народот. Веднаш по изјавата на Дачиќ, едни почнаа да пишуваат „клети Срби, секогаш сте биле наши најголеми крвници“, а други пишуваа „така ни треба кога го признавме Косово и се скаравме со браќата Срби“. Првите забораваат дека Србите не ни се наши најголеми непријатели, а вториве забораваат дека Србите и не ни се баш некои „браќа“ бидејќи „братски“ народи едноставно не постојат. По сите логики, доколку сме браќа, значи не сме два различни народа, па се поставува прашањето дали овие што пишуваат за братски народи нѐ негираат нас Македонците?
Признавањето на Косово беше наш државен интерес во дадениот момент, но истото важи и сега, мене искрено не ме интересира како некој ќе реагира кога јас си го гледам сопствениот интерес, згора на тоа, Република Македонија има направено толку отстапки кон Република Србија за кои ако почнеме да ги наведуваме ќе ни требаат уште 10 страни минимум, и тоа накратко напишани. Само запрашајте се каква ќе беше денес ситуацијата во Република Македонија доколку ние сѐ уште го немавме признаено Косово?
Очигледно, Дачиќ сака да води политика на реципроцитет, што пак јас многу го почитувам. Доколку тој решил сега да ги нарушува меѓусебните односи, во период кога на целиот регион му престои криза и закана, тогаш ние не треба да притрчуваме со извинувања за нашиот интерес или да му реплицираме на изјавите, важни се делата, туку да си ја земеме политиката во наши раце. Кога некој однатре ќе ви го отвори прашањето, како што тоа го стори Зоран Заев во предизборниот период, во тој случај изјавите на политичарите од соседството ви се најмалку виновни, тие беа и очекувани. Кога сме кај Заев и неговите изјави дека ние сме виновни, веднаш по изборите и грчката дипломатија почна да зборува за решавање на спорот со името и за некакви си предлози, во очекување сум да се јави и Бугарија со нејзините фамозни договори, итн.
Не е толку виновен тој што доаѓа непоканет колку што е виновен тој што му ја отвора портата на непоканетиот. Кој ти е крив што си го пуштил да ти влезе дома?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.