Соросовото општество е навистина „отворено“, тоа барем е неспорно. Неговата фондација има ширум отворени врати за сите што имаат преголема желба за остварување на личните желби како терапија за лечење на сопствените комплекси, а притоа немаат никаков проблем да влезат во каква и да е ролја и сценарио и беспоговорно да ги следат насоките на својот финансиер. Филијала каде што недостигот на скрупули претставува доблест. Да, Сорос е целосно отворен и гладен за нови чети недоветни чеда кои во бескрупулозната намера за освојување на власта немаат проблем со уништување на националните приоритети и на сопствената држава. Најмал проблем и најголема отвореност, пак, Сорос покажува кон сопствените среброљубни послушници од „антивладиниот“ сектор, кој ќе има сериозен семантички проблем со сопственото име кога некогаш во иднина СДСМ ќе дојде на власт. Не зборуваме за името Македонија, тоа воопшто не ги интересира ниту тангира. Можеби се само силно заинтригирани од фактот колку пари би им донела неговата промена, но НВО или невладини нема да им одговара со СДСМ на власт. Тогаш природно ќе се прекрстат во НОО, неопозициски организации.
Многумина го поставуваат прашањето дали е тој свесен во какви елитисти и удбашки атавизми вложува силни милиони во Македонија? Одговорот е едноставен, да, дефинитивно е свесен. Основата на неговата прикаска е токму продавањето елитизам на изгорените по него, а своите пипала низ светот ,и особено во Македонија, ги пушта најмногу благодарение на желбата на илјадници билмези да бидат дел од таа каста. Бар еднаш во животот да бидат поинакви, шарени, квазиинтелектуални социјалдемократи. Контра „стоката“, се разбира.
Значи, за да одговарате на фотороботот на Соросов јуришник, треба да сакате пари повеќе од светот, да имате болна желба за да станете дел од некаква елитистичка дружина и да немате скрупули во остварувањето на своите нискоземни цели кои ги претставувате како ослободување. Веројатно ослободување од умот и од скрупулите. Ах, да. Патолошкото посакување на власта е уште еден, можеби, најпосакуван квалитатив кај кандидатот за соросоид.
Познавате ли македонски политичар кој е толку многу „отворен“ за сето кажано, лик кој би одговарал на сите Соросови желби и критериуми? Да, се вика Зоран Заев, тотално дополнет во прикаската со неговата „поубава“ половина Радмила Шеќеринска. И Еди Рама може да им донесе по една чаша вода. Со двојазична здравица, се разбира…
И Американците против Сорос во Македонија
Веројатно, и научниците од лабораторијата на Сорос биле страшно изненадени од ефектот на експериментот во Македонија. Нивните експериментални глувчиња ги надминаа нивните скромни очекувања станувајќи урнек за натамошните „револуции“ во светот. Секаде, каде што ќе затреба. Односно, каде што ќе посака Сорос и неговото отворено општество. За овој факт и силината на постигнатото уште пред крешчендото на „Шарената револуција“, во времето кога нејзиното сценарио уште се пишуваше или препишуваше од Босна, пишуваа и самите Американци. Ама оние „другите“ Американци, не Соросовите и Хиларините, уште помалку оние на Обама. Да, уште пред една година еден Американец од „Нешнл ривју“ напиша фантастична анализа за Македонија, базирана не на „рекла-казала“, туку на лично присуство во земјата. Предупредувањето и тогаш беше за влијанието на Сорос и неговите гавази и несоодветниот одговор на другата стана во корумпираниот невладин сектор. Примерот беше даден за состојбите во САД, каде што НВО на Сорос излегува, а го демантираат и неутрализираат три други републикански невладини организации. Една година по пластичниот опис на македонската битка со влијанијата, платени и од граѓаните на САД преку УСАИД. За таа „дупка“ од само една година, милиони долари влегоа во „Телма“, „24 вести“, разноразни фокуси без малоумни печати и каде ли не. Случајно или не, но веројатно поведени од отпорот на Сорос во САД против новоизбраниот претседател Трамп и отворената војна која берзанскиот манипулант ја води против човекот кој најавува радикална промена на безобразната американска политика, „Нешнл ривју“повторно се сети на Македонија.
„Американските даночни обврзници, преку УСАИД, ѝ даваат пари на локалната фондација на Сорос“. Македонските конзервативци велат дека со тоа САД практично одбрале страна во политичката поделба во Македонија – и тоа ја одбрале СДСМ или прокомунистичката страна. Други соговорници велат дека десницата прави страшило од Сорос и дека американските дипломати се чесен посредник во тој спор. Но, македонските конзервативци се длабоко погодени од начинот на кој се развиваат односите со САД во ерата на Обама. „Ние сме автентичната проамериканска, прозападна партија во земјава. А, вие нѐ туркате во рацете на Русија“, напиша Ендрју Статафорд во анализата во која се укажува дека во предизборната кампања СДСМ им даваше ветувања и навестувања за идни отстапки на партиите на етничките Албанци, кои во иднина може да предизвикаат етнички тензии. Ова, според угледното конзервативно списание, е проблематично меѓу другото и затоа што Македонија е во првата борбена линија на бегалската и мигрантска криза и ја чува надворешната граница на Европа.
Сите дома, Заев во Грција
Откако му „учини“ на Сорос, на „чадорот“, на Албанците и сите останати, Заев самозадоволно си се повеќе во своето светилиште во Грција. Хациендата има очигледна исцелителска моќ за муртинскиот спасител, кој очебијно е црпнат од Сорос и останатите со повисока цел. Повисока за сите, освен за Македонија и Македонците. Неговото „гостување“ во Грција, каде што, всушност, тој е дома, се погоди со редица антимакедонски пораки, меѓу нив и онаа на Коѕијас. Елинот, осилен од просторот кој го создаде токму Заев со новата постизборна политичка ситуација во Македонија, резултат на неговиот непристоен предлог кон Албанците, нѐ потсети дека без „решение за името нема НАТО и ЕУ“. Следуваа глупоштините на Дачиќ, кој заборави на реакциите на Македонците при поплавите во Србија, во исто време кога неговиот најголем „душман“ Рама ни подготвуваше „советодавен документ“. Водата им ја пушти еден Македонец, кој барем така се декларира, а за кој на социјалните мрежи веќе има иницијатива да си го смени името во Агим (Зоран и Агим имаат исто ономастичко значење и означуваат раѓање на денот).
Никовски: Зоран Заев е главен вазал на странските интереси
Последниве две и пол години, 25-годишните голготи на Македонија го доживуваат своето финале. Така е замислено и испланирано, вели поранешниот државен секретар во МНР и амбасадор Ристо Никовски, кој потенцира дека земјата е фрлена на колена со единствена цел дефинитивно да се прекрсти, народот разнебити и така да се затвори вековното „македонско прашање“.
Никовски: Тоа е долгогодишното американско сценарио, сесрдно помогнато од домашните петтоколонаши. Зоран Заев е главен вазал на странските интереси, со што ѝ нанесува историска штета не само на државата, туку и на својата партија од каде што, пак, за живо чудо, никој не се дистанцира од неговите политички небиднини.
Просто е неверојатно што една плејада на умни и способни личности од неговата партија немаат свест и совест да реагираат дека двојазичност има само во федерации, дека надградба на Охридскиот договор, кој го уништи македонскиот карактер на државата, е самоубиствен чин, дека… Нивната пасивност не можат да ја оправдаат грешките на досегашната власт. Тие мора да го артикулираат своето чувство за државата, кое секако го имаат, мораат да тропнат на маса дека лидерот заскитал, дека не знае што зборува и ветува… додека не е доцна за сите. Не мора да гласаат за политичкиот ривал, ама има повеќе начини да покажат дека се тука и дека ги гледаат погубните акробации. Инаку, молчењето значи дека се согласуваат со политики кои се на линија на најекстремните големоалбански позиции. Во дадените (не)услови опозицијата, можеби, привремено нешто и ќе ќари, ама само на сметка на интересите на државата, а сегашните неумности, долгорочно – прескапо ќе нѐ чинат сите. Изјавите дека тие не се патриотска партија кажуваат сѐ.
Нормално е во вакви (не)пригоди сите заинтересирани да се на нога. Албанците први. Масовно учествуваа во кражба на изборите за да не успее владејачката партија и, паралелно, во склоп на американските замисли, ги испорачаа своите големоалбански апетити за федерализација на државата. Тоа е филигранска операција. ЦИА, обично, беспрекорно планира. Иако изгубија седум пратенички места, Албанците се вистински победници на изборите. Тие одлучуваат кој ќе владее. Со отворен диктат на Тирана, зад која се крие Вашингтон, на фашизоиден начин тие ќе се обединуваат против Македонците! Ахмети и поситните од него, одејќи на „баци рака“ кај Рама, покажаа дека се пиони во туѓи раце и „Тројански коњи“ во нашата политика. Добро е што картите се отворија, ама прашање е дали некој, како Заев, може да го сфати тоа.
Првпат и Грција е под силен американски притисок – Македонија што поскоро да се прекрсти за да влезе во НАТО и да се затвори овој простор за Русија. Атина мора да глуми подготвеност за решение иако тоа не ѝ паѓа ни на крај памет во дадените тамошни ситуации. Затоа измислија „градење мерки за доверба“, без ништо конкретно да се случува и, демек, имале предложено повеќе решенија и, божем, чекале одговор од нас. Бидете уверени дека ништо не очекуваат, освен да покажат дека посетата на Обама на Атина не била неуспешна и дека проблемот е кај нас, а не кај нив. Или, ако е така, кај е тука Нимиц, со кого Коѕијас се среќаваше во Луксембург? Лага до лага, блеф до блеф. Сепак, и ако е така, а така изгледа, во прашање е сериозен и додатен притисок и врз нас.
Српското повлекување на признавањето на уставното име мора да се анализира мултидисциплинарно. Зошто баш сега е првото прашање? Факт е дека ние цело време кон Косово водиме албанска и американска политика, а не македонска, и српските интереси ги игнорираме. Арно ама, тоа трае долго време. Дека следува ново гласање во УНЕСКО воопшто не е одговор. Пологично е да се смета дека Белград проценил (а има одлични тајни служби) оти кај нас состојбите ќе се заоструваат та еве и тој, не само Тирана, целосно не ја признава државата и си држи отворени опции. Ова мора да ни биде сериозна опомена.
Логично е да се очекува, штом ќе се формира владата, и Софија веднаш да се јави со своите барања.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 227. број на неделникот „Република“, 6.1.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.