Како што соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство, идентификацијата ќе ја спроведуваат овластени ветеринарни друштва. Со неа ќе бидат опфатени кучиња и мачки. Сопствениците се должни да ги идентификуваат миленичињата максимум шест месеци од нивното раѓање.
Согласно Правилникот донесен во јануари годинава, за бездомните животни оваа обрвска ја презмаат стационарите.
– За оние што нема да ја реализираат обврската, според Законот, предвидени се глоби, до 1.000 евра за правно и 80 евра за физичко лице. Но, интенцијата не е да се казнува, туку да се зголеми свеста за идентификација која ќе овозможи квалитетна здравствена заштита. Оттука, при евидентирање случај на неидентификуван миленик, најпрво ќе се пристапи кон советување и едукација, велат од Агенцијата.
Паралелно се спроведуваат и активности за контрола на кучињата скитници.
– Со измените на Законот за благосостојба на животните кои се во процедура, предвидено е формирање регистар на вдомени животни, како и регистар на опасни кучиња. Точно ќе се знае кој е сопственикот, дали животното е вакцинирано и кога. Ќе се воведе и инструмент за проценка на социјализацијата на кучињата, рече заменик директорот на Агенцијата Абдулезел Догани по денешната работилница.
Санкции има за лицата кои земаат, а потоа ги пуштаат кучињата повторно на улица.
Посебна комисија ќе го одредува процентот на социјализација на кучињата скитници. Друга комисија, пак, ќе проценува кое куче, домашно или скитник, е опасно или агресивно. Земени ќе бидат предвид повеќе фактори, раса, карактер, температмент,… со што практично ќе се прави селекција, односно ќе се одлучува околу вдомувањето.
Во Скопје месечно се заловуваат 200 до 250 кучиња скитници или околу 2.500 годишно. Сите се прегледуваат и задолжително се вакцинираат против беснило. Од нив се вдомуваат 15 до 20 отсто. Стационари освен во Скопје, има и во Куманово, Велес, Виница, Неготино и Делчево.
Европските експерти сугерираат исклучително сериозен пристап кон системот за контрола на кучињата скитници. Поради разликите на секој град, регион, општина, неопходно е изготвуање специфичен, соодветен механизам.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.