Директорот на Кумановската општа болница Ариф Латифи денеска најави нови инвестиции во оваа јавна здравствена установа. За годинава планирана е изградба на нов објект за физикална терапија, објект каде ќе биде сместен центар во кој жените од Куманово и соседните градови ќе имаат можност да извршат ехо на дојка, мамограф, пункција и објект каде ќе се вршат оперативни интервенции.
– Само во градот, секоја недела откриваме по два до три карциноми на дојка. Сметаме дека со овој центар ќе се подобрат здравствените услуги кои ќе ги пружиме на жените од Куманово и соседните општини, изјави Латифи.
Центарот за физикална терапија ќе биде сместен во нов објект во кругот на болницата, а надлежните од установата се надеваат дека и Центарот за дојка ќе биде сместен во посебен дел, на местото на стар објект кој ќе се сруши. Сите објекти, додава Латифи, ќе бидат сместени во кругот на болницата, со што пациентите ќе добијат навремена и квалитетна здравствена услуга.
– Се надеваме дека оваа календарска година ќе успееме да ги реализираме зацртаните стратешки планови, изјави Латифи.
Од лани во Кумановската болница е лоциран Центарот за зависници, кој беше префрлен од населбата Гоце Делчев. Амбулантното одделение на хирургија беше префрлено од подрумските простории во постоечкиот ургентен центар каде, како што објасни Латифи, значително се подобрија условите за пациентите и за лекарите.
– Подрумските простории целосно беа реконструирани и од минатата година таму се сместени амбулантите за гинекологија и акушерство, кои се ставени во функција. Изминатата година се реконструираа и амбулантите на интерно и на детското одделение. Инвестирано е и во амбулантите на кожно, на одделението за дијабет, на нервно. Беше набавена и соодветна здравствена опрема, рече Латифи.
Тој нагласи дека за годинава планирана е набавка на апарат за анестезија, четири екг апарати и три ехо апарати.
– Во Кумановската болница има само еден лекар кој не специјализира, но и тој наското ќе почне, така што нема лекар во Кумановската болница кој не е на специјализација, изјави Латифи.
Тој истакна дека во иднина очекуваат доекипирање на персоналот и додаде оти ќе функционираат согласно потребите на установата. Според него, се уште има недостиг на лекари специјалисти и нагласи дека дел од тие потреби се покриваат со доаѓање на професори и друг специјалистички кадар од клиниките од Скопје
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.