| четврток, 6 декември 2018 |

Конститутивна седница на деветтиот собраниски состав

На конститутивната седница на Собранието на Република Македонија присуствуваат 118 од 120-те избрани пратеници на предвремените парламентарни избори што се одржаа на 11 декември. Првото заседание на деветиот парламентарен состав е прекинато, додека до пратениците не биде доставен Извештајот за резултатите од изборите и освоените мандати на Државната изборна комисија од Верификациската комисија, која заседава.

Со  седницата претседава претседателот на Собранието во заминување Трајко Вељаноски. Како негови заменици беа назначени пратениците Стојан Миланов и Јусуф Хасани.

За претседател на Верификациската комисија беше избран Влатко Ѓорчев, а членови се Петре Шилегов, Реџаиљ Исмаили, Фадил Зејнели и Сурија Рушити.

Оливер Спасовски, од коалицијата предводена од СДСМ, во процедурална забелешка рече дека Вељаноски не треба да претседава со седницата заради тоа што и според праламентарната пракса и според Деловникот, со неа треба да раководи најстариот пратеник. Спасовски рече дека Вељаноски се повикува на промената на Деловникот од 2008 година, но оти по изборите после тоа сепак конститутивна седница ја водел највозрасниот пратеник.

– Зошто воведувате нови стандарди во парламентарната демократија во Македонија, но тоа не е страно за вас. Не треба да продолжите по стариот терк со кршење на Деловникот и со едно насилие, рече Спасовски.

Вељаноски кусо одговори дека има разлика во праксата и во спроведувањето на Деловникот. – Јас мислам дека Деловникот преовладува во работата и така треба да направиме, рече Вељаноски.

На дневен ред на првата собраниска седница се избор на претседател и членови на Верификациската комисија, верификација на мандатите на пратениците, избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и избор на претседател на Собранието на Република Македонија.

На конститутивната седница не присуствуваат само двајцата новозибрани праници од ДПА.

На седницата присуствуваат високи претставници на верските заедници, на судската власт, на МАНУ, дипломатскиот кор…

Најмногу пратеници во деветиот парламентарен состав ќе има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 51, коалицијата предводена од СДСМ има 49 мандати, ДУИ 10, Беса – 5, Алијанса на Албанците – 3 и ДПА – 2. Во овој парламентарен состав нема да има народни избраници од дијаспората поради недоволен број гласови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top