Двајцата првообвинети во случајот „Монструм“ немаат косовско државјанство. Ваква официјална потврда од Министерството за правда во Приштина добил „Утрински весник“. Министерот Хајредин Кучи демантира дека дал изјава во која наведува оти косовското државјанство ќе ги спаси Алил Демири (28) и Африм Исмаиловиќ (33) од испорачување во Македонија.
Сепак, и натаму е неизвесна нивната екстрадиција бидејќи се чека одлуката на Основниот суд во Приштина. Во зависност од одлуката, Демири и Исмаиловиќ ќе се соочат со процес кој се води против нив во Косово, за нелегално поседување оружје или, пак, ќе одговараат во Скопје за бруталното петкратно убиство на Смилковско Езеро. Во косовската влада потенцираат оти во минатото никогаш немало проблем за екстрадиција, па дури и за косовски државјани во Македонија.
– Најнапред сакаме да демантираме дека министерот Кучи воопшто дал изјава за македонски медиум, во која наведува оти Демири и Исмаиловиќ поседуваат косовско државјанаство. Тие двајца немаат косовско државјанство и не само тоа, туку воопшто немаат ниту конкурирано за наше државјанство – вели за „Утрински весник“, Астрит Колај, директор на Канцеларијата за односи со јавност во Министерството за правда на Косово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.