Да посакуваме толку колку што навистина можеме да добиеме или да сработиме, советува Натка Пачоска, клинички психолог, европски овластен психотерапевт, тренер и супервизор во Институтот за брак, семејство и системска практика. Околу Нова година и празниците луѓето најчесто ја сумираат годината што изминува, прават планови и замислуваат желби што би сакале да им се остварат во следната година. Дедо Мраз не постои за возрасните, но желбата да ги имаме оние работи што досега не сме ги имале нѐ поттикнува да размислуваме дека, сепак, некоја сила или универзум ќе ни помогне таа желба да ни се оствари.
Вообичаено, околу Нова година замислуваме желби кои ќе нѐ водат во идната година. Каква треба да биде желбата – конкретна и специфична, да знаеме што точно значи тоа за нас?
ПАЧОСКА: Кога желбите се конкретни и специфични, многу полесно се движиме во некаква рамка и во однос на тоа кон што да целиме. Затоа е поедноставно да имаме конкретни желби. Меѓутоа, често луѓето имаат општи желби, посебно пред почетоците. Нова година е почеток и за секој нов почеток се посакува успех и убави резултати. Новата година е почеток на ново лето и се очекува многу наши работи кои порано не сме ги завршиле, сега да го сториме тоа или, пак, да почнеме нешто ново. Околу празниците постојано се говори за Дедо Мраз, кој реално не постои. Но, желбата да ги имаме оние работи што досега не сме ги имале, нѐ поттикнува да размислуваме дека, сепак, некоја сила или универзум ќе ни помогне таа желба да ни се исполни.
Дали нѐ оптоваруваат желбите?
ПАЧОСКА: Зависи од тоа колку една желба е посакувана. Ако имаме некоја желба што долго време е посакувана, а неостварена, тогаш таа нѐ оптоварува. Луѓето некогаш се толку ригидни во посакувањата што не оставаат простор за компромис. Не се остваруваат сите што ги посакуваме. Кога ригидно се држиме до тоа токму таа желба да биде остварена, тогаш таа знае да оптовари бидејќи не се остварува така како што е посакана.
Како да не доживееме разочарување кога ќе ги замислиме новогодишните желби?
ПАЧОСКА: Едниот начин е желбата да биде специфична и конкретна. Како што кажал народот, да посакуваме толку колку што навистина можеме да добиеме или да сработиме. Кога посакуваме нешто што е надвор од нашите очекувања, можности или, општо земено, надвор од нешто што дотогаш ни се случило во животот, тогаш веројатно многу е помала можноста таа желба да се оствари. Токму поради тоа, разочарувањето може да биде поголемо. Пред да почне новата година, заминува старата. Секогаш кога заминува старата, правиме една рекапитулација – што остваривме од тоа што го посакавме минатата година. Ако се покаже дека многу работи што сме ги посакале не се оствариле, тогаш треба да посакуваме внимателно и натаму. Или, барем желбите да бидат во реални можности. Ова се однесува на возрасните. Децата имаат право да посакуваат сѐ што сакаат.
Покрај сета еуфорија, празниците за некого знаат да бидат и депресивни. Зошто?
ПАЧОСКА: Затоа што луѓето во последно време се многу осамени. Најчесто не се договараат со никого да го одбележат доаѓањето на Новата година затоа што очекуваат дека нема да поминат убаво, дека тоа не е за нив, дека тоа повторно е уште една година во која нема да се чувствуваат реализирани. Или, едноставно, затоа што можностите што ги посакуваат за себе се сосема на некое друго ниво од тоа што навистина можат да го остварат во моментот. Од друга страна, живееме во општество каде што повеќето луѓе се пониско оценети или пониско наградени и поради тоа не можат да си дозволат заедничко славење на Новата година со некои пријатели бидејќи и тоа чини пари. Тоа ќе значи дека месецот треба да го поминат поскромно и поради тоа осаменоста е поголема. Од друга страна, тоа се случува поради тоа што сѐ повеќе се менува професионалниот ангажман, времето поминато на работа. Деведесет проценти од времето луѓето го поминуваат со колегите наместо со пријателите и со роднините. Така се оддалечуваат. За време на празниците секој се затвора во својот дом, со потреба да се одмори од пресилниот ангажман пред празниците. Токму тоа носи осаменост и разочарување.
Вреди ли да бидеме скромни во желбите?
ПАЧОСКА: Вреди. Бидејќи скромна желба е нешто што, всушност, значи дека со сигурност можеме да го оствариме. Затоа што желбите зависат од нас и од некоја наша среќа, односно верување дека позитивно ќе ни тргне. Позитивистичката психологија е сѐ поприсутна. Докажано е дека колку повеќе луѓето веруваат дека некои работи можат да ги остварат, секако нешто што е во рамките на остварливото, толку и побрзо можат да го реализираат тоа. Ако сметаат дека не можат да ги остварат работите, песимистични се, немотивирани, немаат интерес, не се вклучени за тоа да го направат и да се дадат извесно задоволство и радост, тогаш и најостварливото, кое би можеле да го остварат на првиот ќош, нема да се исполни.
Среќни ли се Македонците?
ПАЧОСКА: За жал, сѐ помалку. Практиката покажува дека, како што технологијата оди напред, посебно младите, но и луѓето од средна возраст, на дофат, виртуелно имаат многу начини, работни средства со кои можат убаво да поминат или да бидат среќни. Но, од друга страна, многу се скромни нашите средства за да го имаме тоа. Токму поради тоа сме некаде меѓу желбите и возможното. И кога сме меѓу желбите и возможното, среде пат, постојано сме во желба, а никако да стигнеме до она што можеме да го оствариме. И тогаш сме несреќни.
Како Вие би ги советувале луѓето? Како да ги поминат празниците?
ПАЧОСКА: Да бидат со своите најблиски. Да бидат со своето семејство. Празниците се за семејството бидејќи, што и да се случува, тука се случуваат најубавите чувства – во однос на љубов, внимание, среќа. Да се радуваме на туѓата среќа. Секако, ние ќе се радуваме и на среќата на нашите пријатели, но многу повеќе ќе се израдуваме на среќата на родителите, браќата, сестрите.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
(интервјуто е објавено во 226. број на неделникот Република кој излезе во печат на 30.12.2016 година)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст