| четврток, 6 декември 2018 |

Најинтересни обичаи и верувања за Нова година

Новата година е пред врата, сите се подготвуваат за најлудата ноќ, но во овој период не може да изостане ниту применувањето на различни обичаи. Дали поради традиција, од страв или чисто суеверие, не се знае, но луѓето масовно веруваат дека одредено однесување на 31-ви декември ќе им донесе среќа или несреќа во наредната година, а еве кои се најраспространетите новогодишни обичаи:

Црвени гаќички за љубов

Покрај огнометот, танцувањето и забавата кои се дел од новогодишната веселба под „задолжително“ спаѓа и долната облека во одредена боја, дури иако сте се одлучиле за домашна варијанта на прослава во удобна и не толку гламурозна облека.

Традицијата на носење црвена долна облека се појавила во далечниот среден век, кога не било дозволено носење на црвена облека. Тогаш црвената боја се поврзувала со крв, ѓаволи и вештерство. Но, луѓето без оглед на празноверието сакале да носат црвена облека во текот на темната зима, затоа што црвената облека воедно била симбол и за животот и сончевата енергија. Па така жителите, во обид да избегнат казна, нашле совршена алтернатива: криеле црвени парчиња под облеката.

Денешниот обичај за носење на црвена долна облека на преминот од Стара во Нова година, кој своите корени од Шпанија ги пушти ширум светот, е за сите оние кои во Новата година сакаат да најдат љубов.

Од друга страна, жолта долна облека облекуваат ловци на кариера, односно оние кои сакаат повеќе пари во однос на претходната година.

Еве уште неколку народни верувања поврзани со дочекот на Новата година:

» Во Новата година не треба да влезете со долгови, затоа што тие ќе ве следат во текот на целата година.

» Не смеете ништо да изнесете од дома, па дури ни да истресете трошка од масата. Во спротивно, следи година без пари.

» Новата година треба да ја почекате со многу бучава, затоа што така се бркаат злите духови.

» Новата година, прво треба да ви ја честита личност од спротивниот пол, поради среќа во љубовта.

» Ако сакате среќа во претстоечката година, првиот гостин во домот би требало да биде темнокоса и висока машка личност која носи дар. Нема да биде добра годината ако првиот гостин е маж со црвена или руса коса. Исто така, ако се работи за женска личност, би можела да ви донесе несреќа.

Интересни обичаи ширум светот

» Данците во новогодишната ноќ кршат чинии пред влезната врата. Чиниите означуваат пријатели, односно што повеќе чинии ќе искршат, толку повеќе пријатели ќе имаат во следната година.

» Во Јапонија се смета дека се` мора да се прости за во Новата година да влеземе сосема чисти. На 31-ви декември ѕвоната на будистичките храмови ѕвонат 108 пати, затоа што така се бркаат 108-те човечки слабости.

» Стар сицилијански обичај вели дека среќата во Новата година ќе им дојде на оние кои на Нова година јадат лазањи, но несреќа ги очекува сите оние кои на тој ден јадат макарони или било кои други тестенини, освен лазањи.

» Во Шпанија кога ќе отчука полноќ, треба да се изедат дванаесет зрна од грозје, за среќа во секој месец во годината.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top