| четврток, 6 декември 2018 |

Берлин: Ако терористот знаел за ова крвопролевањето би било поголемо

Германските истражители открија нови детали за терористичкиот напад на берлинскиот Божиќен пазар во кој што загинаа 12 лица, а над 50 беа повредени после налетот на камион управуван од џихадист.
Како што е познато, камионот со полски регистарски таблички бил „киднапиран“ од Тунижанецот Анис Амри кој го убил полскиот возач и го изведе терористичкиот напад во германската престолнина.

Според најновите податоци од истрагата, германските медиуми пренесуваат дека камионот „Сканија“ во сопственост на полска шпедитерска компанија, имал вграден напреден систем за автоматско кочење кој што се активира веднаш откако камионот ќе удри во некоја препрека.

Системот се активирал при налетот на камионот на Божиќниот пазар во Берлин и германските власти веруваат дека токму поради системот, камионот сопрел за пократко растојание од 70 до 80 метри, со што било спречено камионот да го мине речиси целиот пазар, а со тоа да загинат и далеку повеќе луѓе.

Германските власти веруваат дека токму поради системот, било спречено да се случи истото што се случи и во францускиот град Ница каде што камионот го немал ваквиот систем на сопирање, па успеал да продре длабоко низ шеталиштето.

Покрај тоа, се веруваше дека Амри во самиот камион се обидел да го сопре полскиот возач, но истрагата покажала дека Тунижанецот го убил возачот со истрел во главата пред да го изведе нападот, па технологијата на камионот била таа што го спречила да направи уште поголема трагедија и да убие повеќе луѓе.

Во меѓувреме се појавуваат нови податоци за движењето на Амри и неговите активности во пресрет на терористичкиот напад во Берлин. Имено, антитерористичките единици и германските тајни служби пред нападот знаеле дека Амри на интернет барал податоци за експлозивни направи и ТНТ.

Покрај тоа, тој се обидувал да стапи во контакт со Исламската држава на која што подоцна ѝ се заколнал на верност, а потоа џихадистичката организација ја превзеде одговорноста за терористичкиот напад. Сето тоа Амри го правел уште во февруари, значи десетина месеци пред крвопролевањето во германската престолнина

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top